По експозето на премиерот Димитар Ковачевски, попладнево во Собранието продолжи 104-тата седница со дебата по четвртата точка на дневниот ред – Предлог за именување на заменици министри во Владата. По околу петчасовна расправа, на која генерално пратениците од опозицијата упатуваа критики за власта во однос на нивните политики во сите сфери, седницата беше прекината и потпретседателот Горан Мисоски најави дека заседанието ќе продолжи утре во 12:00 часот.

Дебатата почна со критики на излагањето на премиерот Ковачевски од страна на опозициските пратеници, кои најмногу го потенцираа неговиот став дека реконструкцијата се прави за да се зголеми владејачкото мнозинство. Опозициските пратеници го обвинија премиерот и за „незаинтересираност“, бидејќи како што посочија „додека тие зборуваат, тој седи со слушалки на ушите и не ги слуша“.

Во рамки на дебатата, пратеникот Хусни Исмаили од Алтернатива за Албанците нагласи дека Ковачевски само пред неколку денови зборувал дека реконструкцијата се случува за зголемување на владејачкото мнозинство, но се докажало дека станува збор за само еден пратеник плус. Тој посочи дека неговото однесување веќе не е ниту „севернокорејско“ и оти и „Ким Џонг Ун“ би се засрамил од такво однесување.

Исмаили нагласи дека прво треба да се решат внатрешните прашања во државата, пред да се решаваат надворешните, односно европскиот пат. Тој го оквалификува како срамно однесувањето на премиерот кон Алтернатива на Албанците.

Пратеникот Мартин Костовски од редовите на владејачката СДСМ посочи дека и антикризните мерки и субвенционирањата кои ги спорела Владата биле навремени.

– Во секоја дојава за бомба симптоматично е што има едно таму како фуснота напишано дека додека е СДСМ на власт нема да престанат овие дојави за бомби и сега ова ме тера да размислувам на се. Гревот што го носите од минатото, гревовите што го правите сега, ќе ве мачат долго време, рече Костовски, обраќајќи се кон пратениците на опозицијата.

Тој посочи дека сега пратениците од опозицијата не зборуваат често за НАТО и за безбедноста, бидејќи некој го решил тоа прашање, како и за меѓуетничките односи за кои се работело да бидат релаксирани.

– Факт е дека сте креатори на негативен наратив – ја жалам државата што има ваква опозиција. Ништо не е сменето, исти луѓе, исти навики, исти политики, заклучи Костовски.

Пратеникот Миле Талевски од СДСМ, осврнувајќи се на субвенциите за земјоделците, рече дека пратениците од опозицијата искажале груби лаги во однос на тоа прашање и посочи дека македонските земјоделци знаат како ВМРО-ДПМНЕ го раководело Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со селективност и уцени, а како го раководи СДСМ. Тој нагласи дека сега субвенциите се исплаќаат навремено, веднаш и без никаква селективност.

Пратеникот Халил Снопче од редовите на Алијанса за Албанците, зборувајќи за кандидатите за нови заменици министри во Владата, посочи дека Тирон Јајага, кој е кандидат за заменик-министер за одбрана зборува поголем број јазици од сите пратеници во Собранието, а кандидатката за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Вјолца Бериша поседува голем интелектуален капацитет и оти се тоа може да се пребара на Интернет.

Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека од говорот на Ковачевски очекувал повеќе, особено по информацијата во јавноста дека „плаќа 36 луѓе за да го фотографираат, снимаат, креваат дронови, пишуваат соопштенија и говори“. – Неколку дена имам можност да ве слушам, но 80 проценти од говорот ви е ист, затоа престанале да им давате пари на оние кои ви пишуваат исти говори, рече Стојановски.

– Цело време власта и Ковачевски кажува дека ова е еврокоалиција. Што има европски во тоа да нема леб на рафтовите? Дали е европски да се краде струја од европската преносна мрежа или да не се произведува струја?, запраша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ

Неговиот сопартиец Драган Ковачки рече дека Ковачевски „ја симнал политиката на едно најниско можно ниво“ од формирањето на македонската демократија со тоа што го внел своето семејство и членови на неговото семејство во политичкиот ринг, што е, како што рече, крајно недозволиво и невкусно.

– Видовме дека мнозинството не е зголемено. Пред нас седи човек кој троши 26.000 евра за себепромоција затоа што очигледно дека нема друг начин како да допре до граѓаните па плаќа со народни пари по социјални мрежи сопствено рекламирање. Човек кој ги остави денес маркетите без леб, а за тоа не носи никаква одговорност. Премиерот молчеше за предложените министри и заменици и не кажа ниту позитивен, ниту негативен збор што е непочитување кон народните избраници, рече Ковачки.

Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ осврнувајќи се на кратките биографии на замениците министри рече дека еден од кандидатите навел дека знае да работи на Интернет експлорер.

– За кучињата скитници побаравте помош од Брисел, дали сега побаравте помош за лебот од Брисел. Во една држава во која нема леб на полиците, а килограм кромид е 80 денари ниту една реченица од тука не значи подобар живот, рече Љупчо Пренџов од ГРОМ.

Тој посочи дека премиерот кажал оти мнозинството расте и запраша како расте од 65 на 62 пратеници.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменкоска Трајкоска, праша дали предложениот кандидат за заменик министер Нухиу е вмешан во откривање на акцијата во Грчец за сузбивање на дрога, со оглед дека долги години бил во Министерството за внатрешни работи.

– Ќе се задржам на Агим Нухиу, кој претходно бил во Министерството за внатрешни работи и сега доаѓа во Министерството за образование. Сакам да ја прашам македонската јавност бидејќи тој имал долго искуство во МВР и ја прашувам македонската јавност бидејќи нема кој мене да ме слушне од власта, бидејќи само физички се присутни овде, дали Нухиу има поврзаност со сузбивањето на трговија со дрога во Грчец, за кој Русковска рече дека е пробиена таа акција и тврдеше дека има крт во МВР, истакна таа.

Стаменкоска Трајкоска ги праша пратениците од владејачкото мнозинство дали со поддршка и гласање на Нухиу за министер за образование и наука ќе ги реши проблемите во образованието.
Премиерот во неговото излагање на почетокот на денешната расправа нагласи дека по изборот на заменици на министри ќе се комплетира целосно новиот состав на Владата.

– Но пред сите нас ќе се отвори една сериозна обврска – да донесеме зрели одлуки што ќе ги осигураат перспективите на земјата. Ако за тоа е потребно зголемување на мнозинството – тогаш, со секого ќе разговараме. Владата е отворена за идна соработка со сите кои се подготвени да постапат совесно и да ги поддржат реформите, економските политики и европската агенда, за доброто на граѓаните и на државата, рече Ковачевски.

Според него, се зацврстила политичката стабилност и се отвора пат за зголемена ефикасност на Собранието и на институциите, во насока на непречена реализација на клучните стратешки цели.

Собранието расправа за избор на нови заменици, пријавени за збор се 36 пратеници. Предложени се Тирон Јајага за одбрана, Викторија Аврамовска Мадиќ за правда, Вјолца Бериша за земјоделство, шумарство и водостопанство, Маја Манолева во за здравство и Агим Нухиу за образование, наука и спорт.

Собранието претходно во рамки на 104. седница со 62 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан ги разреши замениците министри за одбрана Башким Асани, за земјоделство, шумарство и водостопанство Абдулшуќур Абедини и за образование и наука Љуљзим Алиу.

Собраниската 104. седница за реконструкција на Владата започна пред три недели. Новите министри во Владата на Ковачевски од АА и СДСМ беа избрани пред полноќ во понеделникот.


Извор: МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.