Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на вонредна прес-конференција денеска информира дека преговорите за Изборниот законик меѓу власта и опозицијата, што се воделе неформално во изминатиот период, се влезени во ќор-сокак. Тој ја обвини власта дека се обидува на подмолен и недемократски начин да протурка решенија во парламентот без претходна дебата и без спротивставување на аргументите.

Заев и СДСМ не се искрени кога вината ја насочуваат кон опозицијата, затоа што нивното коцкање со државата ја носи државата во слепа улица. Ваквото барање само го зголемува сомнежот дека за таквите измени стои стравот од пораз на изборите коишто доаѓаат и мотивите да се злоупотреби изборниот процес, со цел да се фалсификува волјата на граѓаните. Не се случило досега да се менува изборен модел без консензус, не се случило до сега да се менува изборен модел без да учествуваат сите политички во дискусијата за истиот или барем најголемите. Ако целта на  Заев е да избега од избори и ова да го користи како изговор, треба да знае дека бегање од волјата на граѓаните нема и ќе биде поразен на следните избори, коишто ќе се случат на 12- април, бегање од избори нема и бегање од волјата на граѓаните нема, рече Николоски.

Тој објасни како течеле преговорите со СДСМ изминатите неколку месеци за изборниот модел и рече дека напредокот бил постигнат неделава кога СДСМ одеднаш на сила решава да ги протурка своите решенија низ собраниска процедура без консенсуз.

Во изминатите неколку месеци постоеше интензивна комуникација на неформално ниво помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во којашто беше договорено и имаше за цел изнаоѓање на консензус по однос на изборниот модел, како и имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР коишто се суштински за фер и демократски избори. Беше постигнат напредок на почетокот на оваа недела, и напредокот се однесуваше на тоа дека и покрај тоа што СДСМ поднесе законски решенија во собранието, истите да бидат преформулирани, во моментот кога ќе се постигне финално решение. Решението требаше да се однесува како што кажав на двете работи, изборен модел и имплементација на  препораките на ОБСЕ и ОДИХР за слободни фер и демократски избори коишто се однесуваат на изборите 2016-та, 2017 и 2019 година. Нашиот став и тогаш и сега беше дека не треба да се брза, туку дека треба да се вклучи целокупната експертска јавност и да се има јавна дебата на која ќе се искристализираат најдобрите решенија. За нас најдобро решение коешто дава најдобар индивидуалитет на пратениците и поврзаност со гласачите од средините од коишто доаѓаат е чистиот мнозински модел по примерот на Велика Британија, Канада и САД. Разговорите беа успешни до пред неколку дена и беше постигнат усмен договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Практично заедничкиот став требаше да даде позитивен импулс и ги содржеше следниве поенти коишто сакам да ги прочитам.

Со оглед дека за овие избори согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР, објективно нема доволно време за имплементација на нов изборен модел, како и дека за промена на изборен модел потребни се широки општествени и политички дебати и консензус, двете партии се согласија дека веднаш по завршувањето на парламентарните избори во 2020 година, ќе пристапат во интензивни преговори во насока на постигнување на таков консензус. И втора поента сите прашања во врска со модалитетите и имплементацијата ќе бидат дефинирани на експертско ниво.

Сето ова падна во вода, кога СДСМ реши на сила, шверцерски и еднострано да ги турка нивните  решенија низ собраниската процедура без консензус, без широка поддршка и без експертска анализа, спротивно на заложбите од неформалните контакти коишто ги имавме изминативе неколку месеци. Практично уште еднаш на дело имаме тиранија на партијата на власт над останатите политички групи во собранието.

Навистина е нејасно како за СДСМ и Заев беше прифатливо до пред некој ден да не се брза со носење на решенија за Изборниот законик, и за истото решение по изборите да се бара широк политички и општествен консензус, како што е редот, а сега истото се поништува и на сила се туркаат измени на Изборниот законик.

Нема ниту еднаш ваков случај во нашата парламентарна историја на сила да се носат измени на Изборниот законик. И исто како во законот за јазици поради ова лицемерие на Заев и СДСМ и овој проект ќе им се удри од ѕид. На сила и со едноумие, не се владее. СДСМ не може да ја множи со нула волјата на граѓаните, не може да ја множи со нула волјата на опозицијата и останатите политички партии во собранието.

 Овие измени се предлагаат не да и донесат добро на Македонија, туку за да внесат дополнителен хаос и спомнав ако целта на Заев е да избега од избори тоа нема да му успее. А ако целта е исто така да се заборави на аферите коишто секојдневно еруптираат исто така тоа нема да му успее затоа што примарен интерес на граѓаните е да дознаат како владее оваа власт, а не кој изборен модел ќе го има, соопшти Николоски пред јавноста.

Тој се задржа и на номинацијата на кандидати за амбасадори на Република Македонија во различни дипломатски конзуларни претставништва. Потенцира дека најзагрижувачки момент е што овие номинации доаѓаат практично на две недели пред техничката влада, односно во предизборен период.

Големиот број на предлози покажува дека во последен момент се полнат амбасадите не со стручни кадри кои имаат политичко знаење и ќе можат да одговорат политички на предизвиците, туку исклучиво со кадри што се блиски на актуелната власт. Лицемерието да брзаат да ги пратат кандидатите по стариот закон, односно по постојниот Закон за надворешни работи, а во исто време да се форсира нов закон по кој никој од овие кандидати не ги исполнува условите.

Значи, од една страна Никола Димитров предлага измени на Законот за надворешни работи, а од друга страна предлага амбасадори по стариот Закон за надворешни работи, кои по новиот закон не ги исполнуваат условите. Да е парадоксот најголем дури и Никола Димитров не ги исполнува условите за амбасадор по законот што го предлага, рече тој.

Според Николоски се проблематизира целиот процес затоа што се испраќаат некредибилни луѓе. Тој не сакаше да коментира за имињата, зашто, како што рече ја почитува дипломатската пракса и нема да го уништува дипломатскиот углед на Македонија.

Правилата се јасни. Не се излегува со име за кандидат за амбасадор додека тој не добие агреман, односно не биде прифатен од државата, односно организацијата во којашто се испраќа. Најголема навреда за државата, односно организацијата во која што се испраќа ополномоштен амбасадор, е вие да го соопштите името пред таа држава да се согласи, рече Николоски.

Освен амбасадори, додаде тој, на две недели до техничката влада се испраќаат 25-26 дипломати од Министерството за надворешни работи на втори и трети позиции.

Овој процес исто така отиде далеку од јавноста, нетранспарентен и колку што сме информирани без вклучување на соодветниот дипломатски синдикат. Со тоа целиот овој процес се проблематизира. Идникативно е што владата три години не може да смисли основен концепт за дипломатската мрежа како и за персонални решенија. Индикативно е што им требаа две години за да назначат конзули во Истанбул, Солун, Мелбурн, Торонто  и останатите конзулати иако за тоа не е потребна согласност со претседателот на државата, односно владата самостојно именува конзули како и што е индикативно е дека им требаа повеќе од 8 месец да се усогласат со претседателот на државата кој што гледаме и самиот не е среќен со ваквото испраќање на амбасадори пред избори.

И она што е клучно е што практично имаме две годишно доцнење во целосното покривање на дипломатската мрежа и имаме никаква реализиација на економската дипломатија која што на голема врата беше најавувана од потпретседателот на владата Кочо Анѓушев, која што според нас е потребна и која што треба да е основа на дипломатската активност на Македонија, затоа што како мала држава Македонија треба да се насочи кон штитење на своите интереси, но исто така и кон силна економска активност. Практично, инвестирајте во Македонија не постои, а во македонските амбасади не постојат луѓе кои што ќе се занимаваат со привлекување на инвеститори и промовирање на македонскиот извоз, потенцира Николоски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.