Ковид-пациентите сместени во штипската модуларна болница од почетокот на наредната недела ќе бидат преместени во главната зграда на болницата, на инфективното одделение. Имаше најави дека пациентите ќе бидат префрлени порано, но целата постапка доцни поради поставувањето на нов современ систем за гаснење пожар. Тој се поставува дополнително и не се предвидени пари во буџетот на болницата, а бидејќи се распишани изборите, не е можна јавна набавка, па средства ќе се бараат преку донации.

Новиот систем ќе содржи сензори за рана детекција и систем на прскалки во секоја соба. Ние и досега имавме противпожарен систем на инфективното одделение, но тој беше составен од апарати за гасење пожар и хидранти, вели за ТВ24 Ален Георгијев – директор на Клиничка болница Штип.

За поставување на ваков противпожарен систем во модуларната болница, допрва ќе се размислува. Од Клиничката болница велат дека објектот прво мора да биде испразнет за да може да се планираат било какви активности. Модуларната болница, откако ќе биде испразнета, ќе биде ставена во функција само ако драматично порасне бројот на хоспитализирани и се исполни капацитетот на инфективно.

Веќе неколку месеци под клуч е и модуларната болница во Кочани, пациенти со Ковид се хоспитарализираат на интерното одделение. Директорот на оваа здравствена установа вели дека тие немаат пари за дополнителен систем за заштита од пожари во модуларните објекти, но ќе ги следат насоките на Министерството за здравство.

Во меѓувреме расте бројот на хоспитализирани поради што се додадени и нови кревети, па сега во штипската модуларна болница се лекува 51 пациент. Засега во функција нема да бидат ставени други одделенија туку ќе се засили соработката со останатите здравствени установи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.