Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во 20 часот ќе се состанат на неутрален терен во Собранието на лидерска средба, на која ќе се обидат да најдат заеднички јазик за Законот за јавно обвинителство, со кој се решава и судбината на Специјалното јавно обвинителство.

Во фокусот на лидерската ќе биде Законот за јавно обвинителство, но лидерот на опозицијата Мицкоски најави дека ќе ја отвори и темата за предвремени парламентарни избори.

Засега ставовите на владата и опозицијата за темата предвремени парламентарни избори се разидуваат. Од Владата велат дека главна тема е Законот, а за тоа дали ќе се разговара за предвремени ќе се види на самото место, додека од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваатдека освен за Законот за јавно обвинителство, тема ќе бидат и предвремените избори, кои биле и услов за одржување на лидерската.

Поради скратените рокови Законот за Јавно обвинителство се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.

Последната средба на работните групи на власта и опозицијата за законот, која се одржа минатата недела не вроди со суштествен заклучок, а сега се очекува решението да се бара на лидерската средба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.