Премиерот Зоран Заев денеска ќе ги достави до Собранието имињата на министрите кои ќе бидат дел од новата реконструирана Влада, по што предлогот треба да биде усвоен на собраниска седница во текот на следната недела.

По реконструкција на Владата, премиерот Заев, најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон, со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.

Предлогот до Собранието првично требаше да биде доставен во петокот, но премиерот Заев го одложи за денеска, поради тоа што нашата земја, како што рече, е домаќин на Конституенцата на повеќе од 15 министри за финансии, гувернери, тројца потпретседатели на Светската банка и двајца потпретседатели на Меѓународниот монетарен фонд.

– Одлуките се донесени и в недела попладне ќе ги доставам до Собранието материјалите за сите промени што ќе се случат во Владата, изјави Заев, завчера одговарајќи на новинарски прашања.

Во однос на промените што се прават внатре во Социјалдемократскиот сојуз, Заев информираше дека останува да се именуваат потпретседателите на партијата и уште 20-тина претседатели на општинските организации на партијата. Изрази уверување дека до крајот на месецот СДСМ ќе ги донесе одлуките за избор на потпретседателите на партијата и мал дел на претседатели на општински организации кои останаа неизбрани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.