Европската Унија не може да се шири и подлабоко да се интегрир, и најдобро би било да се подели во повеќе зони, во кои државите ќе имаат различно ниво на интеграција, вели уредникот на „Блумберг“, Андреас Клут.

Во коментар за телевизијата БНН на групацијата „Блумберг“, Клут вели дека барањето на Македонија и Албанија да почнат со преговори за членство во ЕУ ја исправило унијата пред сериозно прашање за тоа како да се шири и интегрира во иднината.

Кога земјите членки на ЕУ разговараа дали и официјално да ги почнат преговорите за членство со „Северна“ Македонија и Албaнија, се отвори прашањето дали може во исто време да ги користат изразите „проширување“ и „продлабочување“. Односно, дали во иднина ќе стане невозможно ЕУ да носи одлуки ако продолжи да прима нови членки, независно дали се подготвени за членство или не. Дали со проширувањето ЕУ ќе почне да се распаѓа? Францускиот претседател Емануел Макрон, кој има репутација на политичар кој е недипломатски искрен, посочи на овој проблем. Макрон ги шокираше лидерите на ЕУ кога го блокираше отворањето на преговори со „Северна“ Македонија“, иако земјата дури и го смени името и ја додаде придавката „Северна“ – на барање на Грција која инсистира дека има право на името „Македонија“. ЕУ вети дека промената на името ќе биде доволна за да почнат преговорите за членство, и одлуката на Макрон ги разгневи Ангела Меркел и балканските земји, вели Клут.

Но, уредникот на Блумберг вели дека ЕУ веќе има сериозни проблеми со постигнувањето согласност на сите 27 членки за носење одлуки, и со секое ново проширување овој процес станува уште потежок.

Дел од членките се гневни поради ставовите на членки како Унгарија и Полска, кои го спречуваат усвојувањето на про-мигрантски политики на ниво на ЕУ. Секое ново проширување додава поделби на линија исток – запад или север – југ, вели Клут, а во меѓувреме, ЕУ не успева да се интегрира подлабоко, не може да формира своја армија, или пак да ја комплетира евро валутата со заедничка банкарска и фискална унија.

Што ќе ни е ЕУ ако нема евро кое ќе биде вистински ривал на доларот, и без дипломати и војници кои ќе бидат сфатени сериозно од страна на Турција, Русија и Кина, прашува Клут.

Неговиот предлог за натамошен развој на унијата предвидува да се создадат три кругови на држави членки. Едниот круг ќе биде најтесно и најдлабоко интегриран, и во него би влегле централните членки како Германија, Холандија и Луксембург. Во другите кругови, членките ќе имаат полабаво ниво на интеграција, а со тоа и помалку права и обврски кон ЕУ.

Не сакате да примите бегалци? Тогаш ќе добиете помалку пари од буџетот на ЕУ. Не верувате во владеење на правото? Нема да имате право на глас во Брисел, предлага Клут, кој на овој начин ја опишува идната „флексибилна“ Европа, во која би можеле да влезат и Норвешка, Исланд, па и Британија и балканските земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.