Владата предводена од СДСМ не престанува со недомаќинското трошење на средствата на граѓаните. И покрај сите укажувања на стручната јавност и на експертите, се објавуваат тендери за разни набавки без оглед дали истите се оправдани во време на кризава во која што се наоѓа државата.

Во месеците април и мај се објавени тендери во вкупна вредност од 147.059.440 евра, од кои во месец мај во вкупен износ од 86.263.660 евра. Последно во низата трошењеа на Владата преку Генералниот Секретаријат е на 1.062.000.000 денари или 17.000.000 евра за набавка на софтверски лиценци, објавува Курир.

Софтверските лиценци и сервиси Владата ги набавува за јавната администрација во државните и образовни органи и институции. Претходно Генералниот Секретаријат спровел постапка за истата јавна набавка која била објавена на 14.02.2020 година, јавното отварање било на 16.03.2020 година, а поништена била на 21.05.2020 година, по инструкции од Бирото за јавни набавки по управен надзор, очигледно заради неправилности во водењето на постапката.

Втората постапка за истиот предмет на јавна набавка била објавена на 22.05.2020 година, а донесена е Одлука за избор на најповолна понуда на 03.07.2020 година.

Тоа што е симптоматично е што истата фирма што требало да го добие тендерот во поништената постапка во мај (согласно донесената Одлука за избор од страна на Генералниот Секретаријат на Владата) го добива тендерот на 03 јули на повторно објавениот оглас на само 12 дена пред спроведувањето на предвремените парламентарни избори.

Замислете, на е-аукцијата на ваква голема набавка не била поднесена нова намалена цена, односно, немало е-аукција! Сето ова укажува дека овој тендер е наменски подготвуван за да го добие фирма блиска до власта.

По ова се поставува прашањето дали државата во услови на пандемија предизвикана од Ковид-19, кога има зголемен број на случаи на заболени и починати, пад на економската активност и пораст на невработеноста, носи одлука за набавка на софтверски лиценци?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.