Општина Охрид важи за една од институциите каде има голема превработеност, но тоа не го спречува градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески да ги вдоми партиските војници во општината, пишува порталот „Охрид 24“, откривајќи дека објавен е оглас за вработување на 15 државни службеници во општина Охрид.

Се бараат: Помошник раководител на сектор за правни работи, Советник за нормативно правни работи, Виш соработник за подготвување на документација за заштита и спасување, управување со кризи и одбрана, Виш соработник за присилна наплата, Соработник за поддршка на локалниот економски развој, Помлад соработник – преведувач, Раководител на одделение за односи со јавност, Помлад соработник за соработка со млади, Помлад соработник за администрирање данок на промет на недвижности, Помошник раководител на сектор за меѓународна соработка – соработка со Унеско и култура, Раководител на одделение за образование, Самостоен референт за упатување на граѓани/странки, Соработник за планирање на евроинтеграции, Помлад соработник за вработување и мобилност, Соработник за соработка со невладини организации.

Платата се движи од 16.800 до 32.887 во зависност од позицијата.

Од 15 вработувања, 13 се резервирани за Македонец(ка), 1 за Албанец(ка) и едно за други националности.

Доколку се погледнат и анализираат наведените услови во огласите, може да се заклучи, пишува порталот, дека овие работни места се однапред резервирани за партиски војници на власта, кои предизборно треба да се задоволат.

Општина Охрид има околу 300 вработени. Ако се земе предвид европската норма која предвидува 1 административец на 1.000 жители, во општина Охрид која според пописот на населението од 2002 година има 55.749 жители би треба да има околу 60 админтративци, што значи општина Охрид има речиси над 300% повеќе вработени од европскиот просек.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.