Не е ВМРО-ДПМНЕ виновно што ние се доведовме во една ваква ситуација. Доколку постои вистинска желба да се реши прашањето за Закон за јавно обвинителство, може да се реши – смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан за неизвесноста околу носењето на законот пред распуштање на Собранието.
Ваквиот став тој го искажа за време гостувањето во ТОП Тема на Телма, каде од страна на Џевдет Хајредини, поранешен министер, беше обвинет дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е да се амнестираат обвинетите во предметите на СЈО.
-Се друго од вашите забелешки би поминало глатко, освен точка 9, да престанат постапките на СЈО – рече тој.
Иако Мицкоски упорно објаснуваше дека таква точка не постои, Хајредини се држеше на својот став дека ВМРО-ДПМНЕ во забелешките бара да се запрат постапките кои ги отвори СЈО.
-Ова е несериозно. Ви се чудам на годините, простете, но не ја говорете вистината. Ме гледате во очи и не ја говорите вистината. Таква забелешка немаме. Кажувам слободно, слободно нека си ги води обвинителството процесите кои ги води. Ништо нека не сопре. Како си ги преземаа така нека си одат. Немаме никаков проблем со тоа – рече Мицкоски.
По обидот на Хајредини повторно да наметне дека ВМРО-ДПМНЕ намерно го пролонгира законот затоа што бара да се прекинат постапките на СЈО, Мицкоски рече:
-Сите случаи кои се отпочнати во рамките на јавното обвинителство, до крај да се истераат. И во судските процеси исто така. Знаете што е проблемот? Знаете ли колку случаи започнаа од почеток? Знаете дека се случи судија 90 дена да не свика рочиште? Знаете за кого е тој случај? Знаете дека судијки се повлекуваа од тој случај за да отпочне случајот од почеток?. Во оваа држава правдата треба да биде за секого. Не за некого. Нашата забелешка во однос на Законот за ЈО е токму таа – правдата да биде за секого. Да немате дилема.ВМРО-ДПМНЕ и јас лично сите случаи кои се во рамките на јавното обвинителство и во судовите да си продолжат, да се водат и воопшто да не водат сметка за она што вие сега го говорите дека ние сме го побарале, затоа што тоа не е точно. Ние побаравме во оваа држава да се почитува законот и уставот и тоа го побаравме пред да се префрлат на начин на којшто се префрлија случаите од СЈО во ЈО – рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.