Беше многу тешко за мене денеска да застанам на нозе, но благодарение на организаторите на протестот учествував и јас. Ова денеска го кажа Наташа Димитриевска, која со патерици излезе на протест пред судовите во Скопје да бара правда за нејзиниот сопруг кој пред две години загина во сообраќајката кај „Млечен“, а виновникот доби условна казна.

Очекува условната казна за виновникот кој со џип недозволено поминал преку двојна полна линија на коловозот и удрил во младиот брачен пар, да ја промени Апелациониот суд.

-Правда мора да има затоа што во државата секој ја префрла топката и никој не сака да понесе одговорност дека немаме независно судство и правосудство. Надежта сега е единствено во Апелациониот суд. Но, покрај борбата за правдата за Гоце и за мене, се бориме за правдата на сите. Затоа што ова може секому да му се случи, а не секој ќе има храброст за ваква бобра против институциите, вели Димитриевска.

Таа претходно иницираше постапки против надлежната првостепена судијка и против обвинителката која го водеше случајот. Судскиот совет сѐ уште ја разгледува претставката против судијката, а во понеделникот Советот на јавни обвинители ја „ослободи“ колешката од каква било одговорност.

-Советот на јавни обвинители и стручниот колегиум на Вишо јавно обвинителство Скопје на толку образложена претставка тие ми кажаа дека обвинителката постапила законски и согласно прописи. Тоа е срамно за оваа држава, изјави Димитриевска.

Случајот „Млечен“ во моментов е на одлучување пред Апелациониот суд-Скопје, кој треба да одлучи по жалбата на обвинителството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.