Собранието на Република Македонија денеска треба да одржи три пленарни седници, едната на која ќе се обрати претседателот на државата – редовното годишно обраќање, втората 25. седница на која расправата за повеќе точки на дневниот ред е завршена и треба да се гласа за прогласување кризна состојба до 30 јуни следната година и за законот за попис, во прво читање, како и 26. седница на која ќе почне петдневната расправа за Дополнетиот предлог за Буџетот за 2021 година.

На 25. седница, која почна во понеделникот и немаше кворум, а на која во најголем дел не присуствуваа пратениците на опозицијата, заврши расправата за законот за попис за 2021 година, како и за прогласувањето кризна состојба на територијата на држвата до 30 јуни, за предлогот Иџет Мемети да стане член на Советот на јавни обвинители, како и за предлозите за тројца нови членови на Судскиот совет, но и за неколку други точки. Не се гласаше бидејќи во салата немаше кворум.

На дневен ред на 25. седница се и Предлог на закон за дополнување на Законот за социјалната заштита, Предлог законот за регистрација на возила со странски регистарски табици на територијата на Република Македонија, по скратена  постапка, Предлог законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот, сите по скратена постапка.

Законодавниот дом во рамки на 25. седница треба да расправа и за Дополнетиот предлог на закон за изменување на Законот за домување, како и за дополнетите предлог закони за изменување и дополнување на законите за железнички систем и за безбедност на сообраќајот на патиштата, во второ читање.

По скратена постапка, е и Предлог законот за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.