Социјалдемократскиот сојуз на Македонија смета дека дополнителни привилегии за пратениците не се прифатливи. Од партијата наведуваат дека во овој момент пратениците се доволно привилегирани.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија смета дека привилегиите треба да се движат кон граѓаните, а помалку кон пратениците. Пратениците во Собранието на Република Македонија согласно Деловникот којшто важи во овој момент се доволно привилегирани. Сега дојде време граѓаните да го добијат она што го заслужуваат, вработувања, нови инвестиции, нови работни места и подобро платени работни места, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.

Не смееме, додаде тој, да размислуваме во тој правец, оној којшто бил избран и именуван функционер, избран од граѓаните, утре да биде попривилегиран повеќе од граѓаните и да оди на работно место кое што впрочем можеби го заслужува некој од граѓаните.

Од СДСМ, исто така, велат дека повластен статус за вработување не смее да има само затоа што некој бил избран или именуван функционер.

Од партијата велат дека очекуваат од секој пратеник, секој избран или именуван функционер да покаже одговорност, особено во контекст на актуелните стратешки текови и да даде позитивен пример во интегративниот процес.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изјавата. Велат СДСМ самите ја иницираа темата за посебни повластици на пратениците, но кога се соочија со револтот на јавноста и граѓаните почнаа да ретерираат и да си ја ишкаат мувата од капата.

Тоа е стилот на аболицираниот Зоран Заев и криминалниот картел собран околу него. Наместо да работат во интерес на граѓаните, тие отвораат теми со цел да ја манипулираат јавноста и да дефокусираат од суштинските проблеми кои ги мачат граѓаните како и од погрешните и штетни политики кои како Влада ги водат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа што Заев и СДСМ отвораат вакви теми, додаваат од партијата, креираат магла со која потоа манипулираат и бараат начин како да ја покријат својата неспособност, немањето капацитет и неработењето.

Правата и одговорностите на пратениците се доволно добро уредени. Унапредувањето на нивните бенефиции не само што нема да го подобри животот на граѓаните, туку напротив ќе предизвикаат дополнителни буџетски импликации. Народните пари треба домаќински да се трошат за потребите на народот за изградба на училишта, болници, патишта, а не за каприци на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.