Кампањата почна, аирлија. За многумина веќе видено, за други неочекувано, зашто стартот мина во знакот на хумор и сатира, сведена на татковци и деца, ама не на оние вистинските, туку на политичките, а трети, пак, ни телевизор пуштиле, ни вести гледале и слушале. За платена политичка програма, пак, ни збор не станува, aнализира „Пресинг ТВ“.

Но, првиот ден од кампањата како да мина во сенка на настанот во МАНУ, со кој се одбележуваше 30-годишниата од осамостојувањето и независноста на Република Македонија. Посебно од пораките, што беа испратени од тројцата претседатели на државата-актуелниот Стево Пендаровски и бившите Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски. Кој отворено, кој во малку подзавиена форма ги изнесоа своите ставови за актуелната состојба во државата и нивното видување за тоа што Република Македонија добила, а што изгубила со трите договори-Охридскиот, тој од Преспа и тој за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.

Изгледа владејачкиот СДСМ очекуваше фанфари, а доби сериозни критики, а најмногу ги погоди отсуството на визија и немањето план Б во случај Македонија да не ги започне преговорите за членство во ЕУ, идентитетскиот инжинеринг и, клучно, царувањето на корупцијата! И што е поболно, сериозните не обвинувања, туку само пренесување на реалноста дојде од нивниот поранешен партиски лидер, премиер и шеф на државата, Бранко Црвенковски-се наведува во анализата.

Иако повлечен од политичката сцена, Црвенковски погоди во центар. Македонија нема план Б, живее на кредит и умира на рати, барањата на Бугарија за надминување на недоразбирањата се ненадминливи, а корупцијата толку царува, што и државата ја прави корумпирана.

А, како резултат на тоа следуваше најглупавото соопштоние, што СДСМ некогаш го има објавено. Ако не целото, тогаш барем добар дел од него.

-Не е чесно ниту кон граѓаните ниту кон државата кога поранешни претседатели од времето на транзицијата и режимот зборуваат за криминал и корупција, а не покажале никакви чекори против корупцијата во времето кога требало да му служат на народот, пишуваше во партиската реакција за настапот на Иванов и Црвенковски.

Денеска јавноста сведочеше едно пропагандно однесување на поранешни претседатели на државата.

Договорот од Преспа, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковниот договор се најважните договори кои ја вратија во живот македонската интеграција, ги потврдија и зацврстија македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

Македонската држава живее и ќе живее и нема да умира на рати, а ако тоа некој го посакува му порачуваме да мисли пред да дејствува, пред се заради нашиот народ и заради иднината на сите наши деца.

Граѓаните со својот глас и порано, и денес и во иднина прецизно го покажуваат патот по кој се развива Македонија, беше наведено во партиското соопштение.

Со ова СДСМ уште еднаш покажа дека не трпи критика. Напротив! До него не допираат предупредувањата дека апсолутната власт, што ја има, апсолутно го расипуваат.

И сега да ги праша човек мудреците од СДСМ кога Црвенковски го аболицираше Заев за Глобал, тој се борел против корупцијата или не?! Ако Заев не беше аболициран, ќе стигнеше до претседател на СДСМ или ќе чмаеше во некоја затворска ќелија?

Премиерот Заев синоќа во Битола се обиде да биде духовит. Преку една реплика од филмот „Кој тоа таму пее“ на површина му излезе комплексот Никола Груевски, па го направи политички татко на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Демек, парафразирано, „таткото“ од Будимпешта не му вели на „синот“ Мицкоски „вози Мишко“, туку „кочи Мицко“. Хахааах…

А, што сега му вели „таткото„ Црвенковски на „синот“ Заев? Владееш со држава корумпирана до гуша. Искрено, овдека нема рима, но за жал е вистина!

Приказната со татковци и синови, ама со оние вистинските, не завршува тука. Кога Црвенковски не се борел против корупцијата, бизнисменот Зоре Темелковски ќе го купеше Лозар за само 100.000 тогашни марки, означувајќи го почетокот на приватизацијата во мрачниот период на транзицијата? Ова го прашувам, зашто токму на синот на Темелковски сега му завршува првиот мандат на градоначалникот на Кисела Вода и ќе се бори за втор. Па само локацијата на Лозар чинеше 100.000 марки. На тоа место денес се наоѓа Фондот за пензиско.

Кога Црвенковски не се бореше против корупцијата, Бранко Наумовски ќе беше избран за судија, а подоцна и за претседател на Уставниот суд? Ова го прашувам, зашто и на неговиот син сега му завршува мандатот и ќе се бори за втор во Ѓорче Петров.

Кога Црвенковски не се бореше против корупцијата Дончо Герасимовски ќе беше директор на Државниот завод за статистика во два мандата? Ова го прашувам, зашто неговиот син сега ќе се бори за градоначалнички мандат во Центра.

Кога Црвенковски не се бореше против корупцијата, Петре Шилегов ќе беше во Владината комисија за одлучување во втор степен? Ова го прашувам, зашто и Шилегов сега ќе се бори за втор градоначалнички мандат во гардот Скопје.

Кога Црвенковски не се бореше против корупцијата, ќе беше стариот д-р Филипче дел од неговата влада? Ова го прашувам, зашто слушам дека синот Филипче, исто во функција на министер за здравство, тврди оти понудата на владејачката коалиција предводена од СДСМ била подобра од понудата на целата опозиција заедно. И со кој интегритет го тврди ова, човек кому живи му изгореа 14 пациенти, кои наместо да се лекуваат, во неговите модуларни болници најдоа смрт, претворајќи ги во треблинкик, аушвици…

Навистина, чудни се по малку овие приказни за политички и вистински татковци и синови.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.