Според новата Концепција за основно образование, која Министерството за образование и наука периодов ја презентира пред родителите на основците од училиштата ширум земјава, во наставниот предмет Природни науки ќе се интегрираат предметите Биологија, Хемија и Физика, објасни советничката од Бирото за развој на образованието, Ивана Мијиќ преку видеообраќање.

Предметот ќе биде застапен и ќе се изучува во текот на сите одделенија во основното образование, започнувајќи од прво заклучно со деветто одделение. Од седмо до деветто одделение пак, во овој предмет ќе се интегрираат содржините и наставните теми од трите научни дисциплини.

Новината со овој концепт е што во третиот развоен период, од седмо до деветто одделение наставните предмети Биологија, Хемија и Физика ќе се интегрираат во единствен предмет Природни науки. Овој предмет ќе биде застапен со два часа неделен фонд од прво до петто одделение. Три часа неделен фонд во шесто одделение. И во периодот од седмо до деветто одделение со по пет часови неделно. Тоа значи дека во наставниот предмет Природни науки ќе бидат развиение во самиот наставен предмет три поодделни модули, појаснува Мијиќ.

Според неа, на овој начин ќе се обезбеди контиуитет во изучувањето на наставните содржини.

Модулот Биологија ќе обработува само наставни теми од областа на биологијата. Во модулот Хемија ќе се изучуваат само наставни теми од областа од хемијата и соодветно во модулот Физика – наставни теми од областа на физиката, вели Мијиќ.

Појаснува дека во текот на целата учебна година трите модула ќе се изучуваат синхронизирано и паралелно.

Освен овие три модула, ќе постои и четврт – т.н. интегриран модул, кој ќе треба да ги спои сите три предмети во еден.

Од друга страна, сѐ уште нема детали за предметот Историја, кој крена најмногу прашина во јавноста, со оглед на чувствителниот период во македонско-бугарските односно и барањата на Бугарија. Во меѓувреме, наставници по историја од повеќе градови во државата во писмо до министерката Мила Царовска велат дека нема да дозволат да се нанесе голема штета на образовниот процес со укинување и девалвирање на предметите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.