Денеска имавме координативна средба со директорите на повеќе клиники и болницата во Тетово и детската болница Козле во Скопје, на која разменивме информации во делот на приливот на пациенти во амбулантите и пациенти за хоспитализација, со цел да навремено се преземат сите чекори и работи кои што треба да се направат заради тоа што очигледно сме на почеток на еден нов бран, информираше Министерот за здравство, Венко Филипче.

Како што кажа Филипче, трендот на зголемување на бројот на заболени се реперкуира и во болниците, меѓутоа не насекаде исто.

Во моментов Тетово е најкритичниот град, каде што има голем број на приеми на инфективното одделение и во модуларната болница, некаде околу 45 пациенти се веќе хоспитализирани во изминатите неколку денови. Освен тоа, бројките на новодијагностицирани се високи и во Скопје и во Гостивар, а од вчера и во неколку градови во државава, имаме и во Куманово, во Кичево, во Кавадарци во Струмица, меѓутоа во овие градови нема никаков притисок во болниците и во делот на амбулантските прегледи и во делот на хоспитализација на тие што треба да се примат на болничко лекување, кажа Филипче.

Тој информираше дека денеска направиле договор, систем за прием на сите пациенти кои што имаат потреба да се лекуваат болнички, од болницата во Тетово да се праќаат во Скопје, затоа штo , како што кажа, ќе се отвори вториот кат на Инфективната клиника за што е направена и координација на кадарот во Скопје.

Филипче потенцираше дека од вкупниот број на примени пациенти во болница кој што е некаде околу 150, значајно е зголемен во изминатите седум дена, а под 10 проценти се пациенти кои што се целосно вакцинирани и тоа се пациенти кои што се во релативно добра здравствена состојба во смисла на тоа да не се критични.

Во однос на вакцините, министерот спомена дека делта сојот е сој кој што е очигледно доминантен и пообрзо се шири, меѓутоа сè уште не е истражено дали истиот дава потешка слика на Ковид-19.

Вакцината е ефикасна за сите соеви на вирусите. Нешто помалку за делта сојот, бидејќи е развивана за алфа сојот, меѓутоа, сосем доволно, 70-80 проценти да заштити од болест и тоа што е најважно, без разлика која вакцина, за 20 пати го намалува ризикот од смрт од Ковид-19, предизвикан од делта сојот на коронавирус, рече Филипче.

Дополни дека имајќи ги предвид епидемиолошките анкети, податоци, кои што во болницата во Тетово укажаа дека огромен број, повеќе од пола од хоспитализираните пациенти присуствувале на прослави и забави, вчера се донесоа повеќе одлуки на седницата на Владата.

Прво, да се забранат сите настани и прослави во затворен простор, по 15 август и од 15 односно 16 август да биде задолжително прикажување на доказ потврда дека граѓанинот е вакциниран со најмалку една доза на вакцина при влез во сите затворени и отворени објекти каде што има настани, прослави, семинари, сподели Филипче.

При што изјави дека со тоа сакаат да постигнат неколку работи, помеѓу кои и да се зголеми опфатот на вакцинација, со цел да не бидеме приморани понатмау да воведуваме уште порестриктивни мерки а животните процеси да продолжат како изминатиот период.

Филипче на денешната прес-конференција истакна дека во есенските месеци очекуваме ризик факторите да се зголемат, поради тоа што поголема бројка ќе биде назад на работните места и ќе се организираат повеќе настани на затвоерено.

Тој потсети дека има сосем доволно количини на вакцини и апелираше до граѓаните да се вакцинираат бидејќи тоа е единствениот механизам за постигнување колективен имунитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.