Министерот за образование и наука Јетон Шаќири учествуваше на конференција „Вклучување на политичкото образование во образовниот систем“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование при Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Како што соопшти МОН, Шаќири истакна дека за да се создадат млади луѓе кои ќе бидат заинтересирани за позитивни промени во средината во која живеат и работат, во текот на образованието треба така да бидат и обликувани и дека создавање послободно и подемократско општество не е недостижен идеал.

Потребен е само образовен систем кој промовира и обезбедува почитување, толеранција, ненасилство и прифаќање на различностите, кој ги учи децата на мултикултурализам и демократија. А токму ова се основните вредности на кои се темели реформата на основното образование која од оваа учебна година почна во прво и во четврто одделение, а етапно продолжува во другите одделенија, рече Шаќири.

Тој посочи и дека би било добро во погорните одделенија од основното образование, во седмо, осмо и деветто, во наставните програми да се воведат повеќе содржини и повеќе часови посветени на политичкото образование.

Преку нив ученикот ќе ја стекне основата за критички да анализира и дискутира за вредностите на граѓанското општество, за различните улоги и однесувања на граѓаните и за својата улога во него, ќе се учи да препознава ситуации во кои има повреда на права и какви активности треба да се преземат во таквите ситуации, ќе знае што е демократија и слично. Ова е идеја за која ќе разговараме со Бирото за развој на образованието како институција задолжена за изработка на наставните програми, рече министерот за образование и наука.

Како што информира Министерството, Шаќири додаде и дека образованието треба да ги учи младите луѓе да делуваат, да не бидат пасивни, да ги поттикнува на критичко размислување и на носење заклучоци врз основа на анализа на факти, и тогаш, како што рече, низ процесот на учење ќе се обликуваат граѓани кои тежнеат кон напредок, во соживот со различните од себе и врз демократски принципи.

За тоа ни е неопходно чистење на учебниците и вклучување теми кои досега недостигаа, меѓу кои и тие поврзани со политичко образование. Во тек е процесот на етапно изготвување нови материјали за учење, согласно новите наставни програми. Како креатори на образовните политики, отворени сме за конструктивни идеи и сугестии, рече Шаќири на конференцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.