На отворањето на 31 Годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ претседателот на партијата Христијан Мицкоски,меѓу другото, зборуваше и за лидерската средба во Собранието. Тој порача дека Македонија е уморна од состаноци на политичари во вратоврски на коишто не се носат одлуки туку само се парадира, додека зад завесите се продолжува со истите погубни политики.

Единствената лидерска средба на Македонија која ѝ е потребна и за која со задоволство ќе придонесам е лидерска средба на која би седнале сите општествени чинители и би разговарале за платформа за Македонија и нејзиното стратешко позиционирање во однос на отворените прашања. Во регионов и светот се случуваат сериозни преструктуирања, процеси и се искажуваат отворени аспирации за многу прашања кои не се затворени. Во тој микро поглед секогаш се знаат и позициите на нашите соседи, додека Македонија ја пропушта и оваа шанса да фати чекор со процесите, заглавена во секојдневието каде се дебатира за сервираните вештачки теми на власта, рече Мицкоски и порача дека на Македонија ѝ треба средба на која ќе седнат сите општествени авторитети, академици, професори, претставници на универзитети, новинари, писатели, младински лидери, на која ќе се разговара за платформа, за позиции и прашања за стратешкото позиционирање на Македонија наспроти сите предизвици, во однос на европската иднина, во однос на бугарското прашање, во однос на националниот консензус за значајните прашања што го немаме, за економскиот стандард и живот.

Една платформа што ќе ги обедини сите, и Македонци и Албанци, и Турци, и Роми, и Срби, и Власи и Бошњаци за една цел – МАКЕДОНИЈА. Македонија во која има промени, пристоен живот и иднина е концептот за нов општествен договор кој почива на принципите за заеднички патриотизам.

Таквиот заеднички патриотизам треба да даде одговор на сè она што како сидро нè влече надолу и да нè обедини околу желбата да се тргне напред. Да покаже дека има надеж и нашите луѓе да ги зачува во родната земја. И затоа власта не сака да говориме за ваквите теми. И затоа тие кога ќе сакаат јас да зборувам за Ванчо, ќе ги оставиме нив во историјата, а јас ќе зборувам за решенијата за сегашноста и иднината.
Затоа кога тие ќе сакаат јас да зборувам за тоа што мислам за 2008, 20012, за минати личности во политиката, јас ќе зборувам за генерацијата што треба да ја донесе иднината. Кога тие ќе зборуваат за проблеми, јас ќе зборувам за решенија. Кога ќе сакаат тие да донесат
апатија и страв, јас ќе донесам надеж и сигурност.
Македонија мора да ја менува грдата реалност. Македонија мора да донесе промени.
Заедничкиот патриотизам значи заедничка радост за сите наши успеси и значи гасење на секоја омраза и поделба.
Заедничкиот патриотизам значи на секој еден човек во секој град и село да му кажеме дека надежта е родена и дека има излез. Решението е во секој еден од нас и разликата ќе ја направиме доколку масовно се испорача гласот на народот.
Сакам да зборувам за заедничкиот патриотизам каде економијата и иновациите се главните двигатели. Отворањето на нови добро платени работни места кои ви ветувам дека ќе се случат. 
Заеднички патриотизам кој подразбира со младите да дебатираме за наука, за повеќе можности, прогрес, а не за висината на студентскиот оброк кој се подразбира дека веќе е стекнато право.
Заеднички патриотизам – за да ги вратиме и да ги задржиме младите луѓе. Да се распостелат со својот талент кој не смее да е залудно потрошен.
Македонија – земја на надеж и слобода, земја која мора да прави големи чекори напред.
Македонија – земја на Македонци кои имаат свој заштитен идентитет, свои победи кои не негираат други права, свои извојувани битки и живот во заедништво и за заеднички цели.
Заедничкиот патриотизам е новото преструктуирање кое Македонија треба да ја издвои од просечноста, да ја врати на патеките на надеж и ентузијазам ист таков каков во првите денови на самостојност.
Заеднички патриотизам со најмалку петоцифрен економски раст кој ќе се зголемува секоја година. Наместо да ги броиме затворените работни места да се радуваме на новите фабрики, домашни и странски инвестиции. Новите бизнис-инкубатори, претприемачки иновативни центри,
кои ќе го јакнат претприемачкиот дух.
Заедничкиот патриотизам треба да биде “conditio sine qua non” на Македонија, надежта и есенцијата без која не се може. Главниот мотор на промените, заврши Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.