Министерството за надворешни работи синоќа испрати Вербална нота до грчкото Министерство за надворешни работи, со која го информира дека се исполнети  сите законски услови пропишани со Преспанскиот договор за ставање крај на деценискиот спор за името. Во нотата има и објаснување што значи Македонец и македонски јазик.

Писмото е потпишано е од министерот за надворешни работи Никола Димитров и во него се потврдува дека македонско, македонски, macedonian не се етничка или национална припадност туку само државјанство.

Македонија со писмото до грчката страна се согласила означувањето за nationality во кое ќе стои macedonian/citizen of North Macedonia согласно Преспанскиот договор да се однесува исклучиво на државјанство, а не на националност или етничка припадност.

Во документот Димитров на своите партнери во Атина им пишува дека и формално прифаќа дека „македонско“ или macedonian нема да означува националност, туку државјанство.

Во духот на договорот терминот националност на Втората страна дефинирана во член 1 (3) (б) од Договорот како „Македонци/граѓани на Република Северна Македонија“ се однесува само на државјанството, а не го дефинира или однапред ja определува етничка припадност, етникумот како што e тоа пропишано во член 2 (2) од Уставниот закон за примена на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија“.

Во член 1 (3) (б) од Договорот од Преспа пишува дека „националноста на Втората страна ќе биде Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, како што ќе биде запишано и во патничките документи“.

Во нотата се појаснува и тоа дека македонскиот јазик е официјален јазик на земјата признат како официјален на конгрес на ОН во Атина во 1977 година.

Во соопштението на МНР се вели дека „грчката страна е информирана дека Република Македонија ги исполни внатрешните законски услови потребни за влегување во сила на конечниот договор и дека на 11 јануари 2019 година, Собранието на Република Македонија ја донесе Одлуката за прогласување на амандманите XXXIII , XXXIV, XXXV, XXXVI во Уставот на Република Македонија и Одлуката за прогласување на Уставниот закон за спроведување на амандманите XXXIII и XXXVI во Уставот на Република Македонија”.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на расправата во грчкиот парламент за довербата на неговата влада пред пратениците ја прочита нотата со дообјаснувањето од Димитров.

Соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава, односно ги појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството. Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот nationality  се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици, рече Ципрас.

На крајот, македонската влада и понатаму тврди дека со договорот се бетонира македонскиот национален идентитет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.