Министерката за одбрана Радмила Шекеринска по вчерашната сесија на Северноатлантскиот совет,  на одвоена средба со министерот за одбрана на Обединетото Кралство, Бен Волис потпишаа нов Договор за соработка во одбраната.

Како што денеска соопштија од МО, овој договор помеѓу нашата земја и Обединетото Кралство, ќе го замени постојниот Договор за билатерална соработка од 2007 година.

Шекеринска и Волис се согласиле дека овој договор ќе овозможи уште поблиска и посеопфатна соработка помеѓу две пријателски и сојузнички земји и армии.

Исклучително го цениме фактот што сте посветени и помагате во трансформацијата на нашата Армија. Со новиот Договор за одбранбена соработка нашата одбранбена соработка ќе прерасне во соработка на две сојузнички земји, рекла министерката Шекеринска на средбата.

Министерот Волис изразил задоволство што процесот до полноправно членство на нашата земја во НАТО е во самиот финиш и посочил дека Обединетото Кралство интензивно го поддржува развојот и реформите во одбраната и Армијата.

Македонија и Обединетото Кралство имаат исклучително интензивна соработка во областа на одбраната особено во доменот на одбранбената политика, мировните операции, обуките и вежбите, а во последните неколку години и во делот на советодавната помош во развојот и реформите на одбранбениот сектор, имплементацијата на Стратегискиот одбранбен преглед и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, како единица декларирана во рамки на Алијансата.

Од 2017 година, Велика Британија има упатено неколку советници за одбранбени прашања во Министерството, а во моментов бригадниот генерал Хју Лојд Џонс дава експертска поддршка на процесот на трансформација на Армијата и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.