Македонија е умерено подготвена во областа на образованието и културата. Културното наследство во земјава не е доволно заштитено, ниту унапредено. Постои недостаток на меѓуниституционална соработка во врска со заштитата на културното наследство, како и спречување на дивоградби, се нотира во Извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата држава.

Во документот исто така се нагласува дека препораките од минатогодишниот извештај беа само делумно усвоени. Продолжува несоодветната заштита на културните наследства заштитени со Закон, како што се Охрид и Старата скопска чаршија.

Предлогот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство е повлечен од собраниска процедура, а дополнително, одложена е и ревизија на националната Стратегијата за заштита на културното наследство – се потенцира во извештајот на ЕК.

Исто така, како што се наведува во документот на ЕК, државата не издвојува доволно средства од буџетот за Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година, а културните работници се незадоволни во врска со исплатата на средства од годишната програма за проекти, поради недостиг на транспарентност во одобрување на грантовите.

Европската комисија нотира дека се потребни реформи во Министерството за култура, кои ќе се прилагодат на новите културни практики, на растот на културните и креативните индустрии, но и на влијанието на дигиталните технологии.

Од друга страна пак, во Извештајот се нотира дека е задоволителна бројката на корисници на програмата „Креативна Европа“, која брои вкупно 24 проекти од периодот 2020-2021 година.

Во однос на развојот на младински политики, во Извештајот се потенцира дека Агенцијата за млади и спорт одржува регистар на младински организации во кој се регистрирани 80 организации.

Агенцијата исто така има донесно Правилник за стандардизација на младите, и го поддржува отворањето на четири младински центри, кои обезбедуваат технички помош и опрема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.