Не се прислушувало преку неколкуте парчиња луксузен италијански мебел вреден 5.000 илјади евра, кој на Катица Јанева и донесе 30 дневен престој во Шутка. Подарокот кој таа го добила од осомничен во случајот „Империја“, и ја донесоа и нејзе титулата осомничена во „Рекет“. Токму гарнитурата од нејзиниот дом предизвика бура шпекулации во јавноста, а најсилно одекна онаа дека во неа имало уреди за прислушување. Она што исто така падна во очи, беше и заплената на мебелот кој со товарно возило на полицијата, како доказен материјал беше однесен од куќата на улицата Стрежова во Скопје.

Подарокот кој Јанева го добила сега е во рацете на Обвинителството, а како тој ќе им помогне во текот на истрагата останува нејасно, бидејќи од таму за Алфа велат дека во него апаратура за прислушување немало.

-Во мебелот што во текот на вчерашниот ден беше одземен од осомниченото лице не се откриени инсталации на уреди за прислушување, велат од ОЈО за Алфа.

Во јавноста се поставува и прашањето од каде бил луксузниот мебел купен, дури има и шпекулации дека истиот кој ја пресели Јанева од Козле во Шутка, воопшто не бил ниту платен. Но, прашањето кое исто така се поставува е дали Јанева ќе биде последната која ќе биде опфатена со „Рекет“, ако се знае дека постојат сомнежи за вмешаност и на други лица, а меѓу нив и политичари од власта. Обвинителката која го застапува овој предмет, Вилма Русковска потврди дека истрагата не е затворена, дека можеби покрај нејзината колешка и нејзините нови соседи, Боки 13 и Зоки Кичеец, ќе има и други осомничени во наредниот период.

-Се уште е отворен, истражуваме и понатаму, изјави кратко Русковска одговарајќи на новинарско прашање.

Иако мина повеќе од еден месец откако Боки 13 е во Шутка, дури сега во истрагата се вклучува и УЈП, од каде од утре ќе почне проверка на сметките на сите субјекти поврзани со Бојан Јовановски, а тоа се БМЈ медиа груп, невладината Меѓународен сојуз и 1 ТВ. Инаку, договори за соработка со невладината на Боки 13 имаа повеќе општини и министерства, а на нејзиното основачко Собрание беа портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, актуелниот заменик градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи, а титулата почесен претседател ја доби пратеничката од власта, Фросина Ременски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.