Скандалозната уплата на повеќе од 2,5 милиони евра од Министерството за здравство на контото на компанијата „Интраком констракшн – Интракат Грција“, извршена од министерот во заминување Венко Филипче, нема да го спаси проектот „Клиничка болница Штип“, за кој пари обезбеди Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), но потоа го раскина договорот со Македонија, објави „Плусинфо“.

Како што пишува порталот, грчката компанија веќе ги „испумпала“ парите од својата македонска подружница, а долго најавуваниот проект и натаму доцни.

Како што е познато, Клиничката болница во Штип требаше да биде изградена до 2019 година. Не бидна ништо од тоа ветување. Потоа се рече дека ќе биде готова во 2020 година, а на крајот се тврдеше дека ќе биде изградена во 2021 година. Сега се спомнува дека крајниот рок за завршување на работите е 2022 година. Но, на објектот не се работи ништо што би навестило дека тој ќе биде завршен во блиска иднина.

Празни ветувања, поарчени пари

Во ова време минатата година, провладините медиуми си смислија приказна како да се оправда доцнењето на проектот. Повикувајќи се на извори од грчката компанија, тие објавија дека до блокадата на изградбата дошло поради тоа што фирмата „Бетон Штип во стечај“, до 2018 година подизведувач на работите, води судски спор против изведувачот, со цел да наплати 2 милиони евра ненаплатени побарувања. „Вината“ беше натоварена на грбот на бизнисмените Орце Камчев, Дејан Панделески и Сергеј Самсоненко, кои во обид да ја спасат фирмата „Бетон Штип“, ја блокирале сметката на „Интракат“. Секако, пред една година, секоја приказна во која се спомнуваа „ѓаволските бизнисмени“ палеше во јавноста. Но, по многу скандалозни постапки на владата на „ангелите“ Зоран Заев и Венко Филипче, перцепцијата битно се промени. А последниве настани, ете, го потврдија она што Плусинфо го пишуваше лани во јануари.

Каква врска има судскиот спор меѓу „Бетон Штип“ и грчката компанија „Интракат“ со ветувањата на ведетите на тогашната власт дека штипската болница ќе биде готова додека да кажеш ефхаристо? Ова прашање тогаш го постави Плусинфо. Според тогашните официјални математики, инвеститорот, државата, на изведувачот, грчката компанија „Интраком“, со која од 2015 година има договор за изградба на штипската болница, тогаш требаше да му изброи 42 милиони евра. Остана нејасно како за „Интракат“ не биле проблем тие 42 милиони евра, туку проблем биле баш оние тогашни 2 милиони евра, кои беа предмет на судскиот спор со „Бетон Штип“.

Целиот текст тука



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.