Странски државјанин вработен во рудник „Саса” е првиот позитивен пациент на Ковид-19 во Општина Македонска Каменица. Лицето е редовно вработено во рудникот и тестот го направил заради патување во странство, при што истиот бил со позитивен наод.

Лицето е во добра здравствена кондиција и е без симптоми, а веднаш по добивањето на информацијата за позитивниот резултат е во самоизолација, информираа надлежните институции.

По првиот случај на коронавирус во градот, во Македонска Каменица заседаваше Општинскиот кризен штаб. Во рамки на дискусијата околу моменталната состојба со Ковид-19 во општината, помеѓу другото беше истакнато дека степенот на почитување и спроведување на мерките и протоколите за заштита на личното и јавното здравје кај граѓаните, со одредени исклучоци, е на незадоволително ниво.

Надлежните информираа дека покрај редовните активности кои обезбедуваат колективна и лична заштита од Ковид 19, општина Македонска Каменица во наредниот период ќе продолжи интензивно да работи на подигање на свеста кај граѓаните и институциите за заштита на личното и јавното здравје.

Во таа насока ќе продолжиме со редовни и воведување на вонредни акции за темелна дезинфекција на фреквентните јавни површини во општина Македонска Каменица. Според претходно утврдена динамика за работа на ЈП „Камена Река“ и Територијалната противпожарна единица, ќе бидат третирани забавните детски паркови, повеќенаменските отворени спортски игралишта, јавните површини како плоштад, плочници, паркови, урбана опрема и влезовите со заедничките простории во станбените живеалишта, информираа надлежните.

Паралелно, Општинскиот штаб за заштита и спасување бара од Државниот пазарен инспекторат и МВР да започне со засилени и редовни контроли во работењето на угостителските, трговските и производствените објекти на територија на општината во однос на почитувањето и придржувањето кон протоколите за заштита и спречување на ширење на заразата со Ковид-19.

За таа цел на 27 јули 2020, закажано е одржување на одделни средби со претставници од правните субјекти, кои вршат угостителски, производствени и услужни дејности на територијата на општина Македонска Каменица, почнувајќи од 12:00 часот. Во меѓувреме препораката до граѓаните е да избегнуваат присуство и организирање на јавни и приватни забавни настани, односно домашни веселби во затворен или на отворен простор, поради реална и зголемена можност од ширење на заразата со Ковид 19, а не е препорачливо движење во поголеми групи без минимално потребно растојание, како и подолг престој на повеќе лица во затворени простории, додадоа од Кризниот штаб.

Оттаму апелираа до граѓаните и сопствениците на трговските, услужните и угостителските објекти на територија на општина Македонска Каменица за почитување и строго придржување и спроведување на досега пропишаните протоколи и мерки за заштита од коронавирусот од страна на Владата и Комисијата за заразни болести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.