Западните сили на секаков начин ќе се обидат да ја спасат владата на премиерот Зоран Заев, која е пред распаѓање, велат аналитичарите. Според нив, во таа насока е и денешната посета на еврокомесарот Јоханес Хан, па и утрешната на американскиот дипломат Филип Рикер. За поранешниот амбасадор Ристо Никовски, без вистински реформи на земјава не и е местото во Европската Унија.

„Право, правна држава и владеење на правото нема и во таква ситуација дури е и погрешно да се бара некаков датум од Унијата. Брисел и Вашингтон се обидуваат да ја спасат оваа Влада, која им ги исполни сите желби на долгорочна штета на македонскиот народ. Во земјата се случува тешка криза, а за криминалот кој изби на површина одговорна е само власта“, вели поранешниот амбасадор Никовски.

Хан е свесен дека во Македонија нема владеење на правото, вели универзитетскиот професор и екс амбасадор Јован Донев. Според него, пораките на еврокомесарот имале значење само во земјава оти како што вели, очигледно било дека Европскиот совет не ги земал во предвид при донесување на одлуките за проширување.

„Хан се бори да добие уште еден мандат како комесар за проширување, а на нашиот премиер му требаше статист со кого ќе се престави во македонската јавност дека се залага за владеење на правото, за да си го подобри рејтингот и да ја намали штетата од сите афери. И двајцата знаат дека нема владеење на правото во Македонија“, вели универзитетскиот професор Јован Донев.

И двајцата дипломати се децидни – се поизвесно е оти земјава за датум со Унијата ќе извиси и на есен и покрај позитивните тонови на дел одевропските челници.

„Шансите во јуни ни беа мали, сега се уште помали после оваа афера со Катица Јанева и сите тие игри што ги прави ЈО за да ја заштити. Од друга страна комесарот Хан нема никакво влијание врз одлуките на Европскиот совет. Неговите извештаи, односно извештаите на ЕК се одбиваат од страна на Европскиот совет“, додава Донев.

„Макрон, кој е сега главен во Унијата јасно кажа проширување нема. Не треба да се залажуваме, бидејќи Франција нема да дозволи проширување. И да ни дадат некаков формално правен датум, преговорите нема да почнат ниту за 4 години“, вели Никовски.

Инаку, Хан уште еднаш изрази оптимизам дека Македонија би требало да добие зелено светло од Европската Унија на советот кој ќе се одржи во октомври.

Извор: ТВ Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.