Во екот на аферата „Рекет 2“ разговараме со сопственичката на „Диамед“ Вера Иванова, чијашто фирма се најде во немилост на структури на власта. Од едната страна успешен центар за дијализа, специјална болница за нефрологија и дијализа, а од другата личните интереси на директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и министерот за здравство Венко Филипче, обединети во целта да ја преземат фирмата. Во Обвинителството веќе се води постапка за овој случај. 

Во интервју за „Република“ Иванова одговара на сите обвинувања на директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев изненсени на прес-конференцијата во Владата.

Од лево кон десно Борис Зјачиќ, Вера Иванова, Даг Андерсон

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев обвини дека вистинскиот сопственик на „Диамед“ во странство е поранешниот премиер Никола Груевски и дека таа фирма сте ја продале на странска фирма.

Иванова: А врз основа на кои докази ме обвинува, кафеански озборувања?! Кога ги основав компаниите во странство, од ниеден тамошен адвокат не добив прашање дали сакам или имам потреба да наведам скриен сопственик, тоа едноставно не оди така. Исто како и кај нас, се легитимирате како основач и толку. Компаниите се целосно мои, во 100-отстотна сопственост и тоа Ден Дончев многу добро го знае од увидот во документите што ги презентираше. Се знае како се станува сопственик или партнер во компанија – со инвестирање лични средства. Јас Груевски сум го видела еднаш во животот кога носев странски инвеститор на состанок во 2010 година. Се надевам дека допрва ќе добиеме одговори зошто Ден Дончев ја замајува јавноста. Можеби Ден Дончев знае како и каде се прави тоа од сопственото искуство?!

Што се однесува до продажбата на мојата компанија на странски инвеститор,  кажете ми дали има поголем успех и потврда за вашата работа кога по тригодишна анализа од страна на странскиот инвеститор, ќе ви потврдат дека сето она што сте го работеле и во што вложувале со години го заслужува нивното внимание и вашата локална компанија станува дел од систем признат во светот. Јас навистина не гледам што има тука спорно. Секојдневно гледаме на телевизија како се повикуваат странски инвеститори, но за жал, во мојот случај не беше така. Слушнавте и самите на прес-конференцијата во Владата како ги „предупредувал“ Ден Дончев странските инвеститори.

Кога фирмата има јавен сопственик и е стоотстотно во ваша сопственост, зошто имало потреба да отворите фирма во странство? Директорот на ФЗОМ обвини дека причина за тоа е да ја сокриете сопственоста, но и да ги избегнете давачките кон државата.

ИвановаУште една небулоза од Ден Дончев. Неколку дена по продажбата купопродажниот договор, потпишан и од инвеститорот од Шведска и заверен на нотар, е пријавен во сите наши институции вклучувајќи ја и Управата за јавни приходи. Во него е наведен целоит износ, податок од јавен карактер достапен на увид на Обвинителството. Освен тоа, Обвинителството ги поседува и договорот и даночните  пријави кои произлегуваат од него. Државата ја интересира само дали сите даноци се целосно и уредно пријавени во УЈП. Даноците се пријавени, но сè уште не можам уредно да ги платам поради тоа што сметките ми се блокирани. Не треба да нагласам дека УЈП секојдневно си пресметува камата за задоцнето плаќање. Што да ви кажам, кадија те тужи – кадија те суди.

Сте ги пријавиле во УЈП и парите кои се замрзнати во Монако?

Иванова: Да, токму така. Сметката на мојата фирма во Монако не е тајна, како што не се тајна сите изводи и трансакции на неа од нејзиното отварање до денеска. Управата за финансиско разузнавање не ја откри таа сметка. Јас не ја кријам. Управата за финансиско разузнавање и директорот Блажо Трендафилов од Струмица само манипулираат со податоците колку да се каже дека нешто работат. Замислете, отидоа и ги казнија нотарите и адвокатите кај кои се заверени купопродажните договори со странскиот партнер, затоа што не пријавиле сомнителна продажба.

Ден Дончев обвини, исто така, дека тендерската постапка не била водена законски, дека цената е висока, односно заработката е голема, дека сте преземале функционална опрема…

Иванова: Кога како компанија учествувате на отворен повик што го објавува државата, секако дека сте сигурни дека државата водела сметка за законитост на постапката. Тоа ви дава сигурност да почнете со инвестиции кои, верувајте ми, се огромни, да инвестирате во шест нови центри за дијализа и целосно да реновирате три постоечки. Тоа се сериозни износи. Барањата на државата беа ригорозни и изискателни (да се замени цела нефункционална опрема, кревети, итн.) сè со цел да се подигне нивото на лекување на пациентите на дијализа на европско ниво. И во тоа успеав за само една година.

Што се однесува до цената на дијализата, има само една суштинска разлика која Ден Дончев намерно пропушти да ја сподели со јавноста. Во моментов цената од 90 евра (која е сè уште најниска во регионов и пошироко) се однесува на дијализа со вклучени специјалистички консултативни прегледи и обезбеден транспорт на пациентите од местото на живеење. И тука е целата негова манипулација со јавноста. Наводно порано цената била 70 евра, што не е точно, беше 80, а ФЗО плаќаше плус 10%, односно 8 евра по дијализа за специјалистичко-консултативни прегледи на посебно доделен буџет и плус на пациентите им го плаќаше транспортот на посебни фактури, во зависност од местото на живеење. Вкупно од 92 до 95 евра. Јас ова го знам затоа што на истиов овој начин соработував со ФЗО во 2010 година кога бев директор на првата приватна болница по нефрологија и дијализа Диамед во Скопје. И што добиваа пациентите за тие пари? Распаднати машини со по 100.000 работни часови. Престој по 5 часа во подруми во кои се излеваа фекалии на секој дожд. Недостиг на лекарства кои законски им следуваат на секоја дијализа. По преземањето во 2014 година во некои градови немаше дури ни медицинска документација за пациентите, не можеа луѓето да се сетат кога последен пат им биле направени лабораториски испитувања, што е неопходно за соодветно лекување.

За преземената опрема се плаќаше закуп од ЈЗУ до моментот на замената со нова опрема, иако Ден Дончев објави јавно дека таа била дадена гратис, што не е точно. Се набавија повеќе од 200 нови современи апарати за дијализа, исто толку нови болнички кревети и сè останато.

Како успеавте сево ова да го направите за толку кратко време?

ИвановаСо многу работа и континуирано вложување на сите расположливи финансиски средства. Предноста на приватниот сектор во однос на јавниот е во можноста директно сами да увезувате медицински потрошен материјал или да преговарате за пониски цени за производи кои ги увезуваат други веледрогерии. И тука на површина излегуваат менаџерските способности. Колку повеќе ве бива, толку поголема разлика ќе остварите за да имате простор тоа што сте го заштедиле од увозниците да го инвестирате во пациентите и во вработените. За жал, излегува дека не смеете да бидете успешни во работењето и дека не треба чесно да си пријавувате остварени заштеди и да плаќате данок на државата, затоа што ќе го привлечете вниманието на некои функционери кои ќе се занимаваат со вас, а не со кроење на здравствени политики. Јас би се согласила Ден Дончев да посвети време на анализа и споредба зошто дејноста дијализа во приватниот сектор функционира, а не функционирала на ист начин во минатото и каде се одлевале средствата порано. Не со цел да брка вештерки туку да ги утврди и да ги надмине системските пропусти.

Зошто ве обвинува за монопол?

ИвановаКаков монопол? Па во Скопје имате два субјекта во приватно здравство и два во јавно здравство и уште еден во Струга, кои ја вршат истата дејност со истите средства.

До каде е вашиот предмет во Обвинителството за организиран криминал и корупција?

ИвановаЈас немам точна информација за статусот на предметот дали е во предистрага или истрага, а исто така ни мојот адвокат сè уште нема таква информација. Од пресот на Ден Дончев дознавме дека предметот бил во предистрага, а сега е во истрага. Од каде му е на Ден Дончев ова информација, не знам и мислам дека допрва ќе побараме одговори од каде му се на директор на ФЗОМ службени податоци од ОЈО.

Покренавте тужба против Ден Дончев и Венко Филипче за злоупотреба на службената должност.

ИвановаНемам нешто посебно да додадам од тоа што се пишуваше и излезе во јавноста само можам да потврдам дека поседуваме докази кои експлицитно укажуваат дека Ден Дончев  и Венко Филипче се обиделе да попречат странска инвестиција да влезе во Македонија со тоа што давале лажни изјави и го манипулирале инвеститорот. Точно е тоа што го кажа Ден Дончев на прес-конференцијата дека државата не спречувала влез на странски капитал, меѓутоа не кажа дека тој лично со помош на Венко Филипче приватно за своја корист, а користејќи ги своите позиции, ја злоупотребиле државата и спречувале координирано влез на странски капитал во државата.

Ден Дончев искажа многу небулози на пресот. Меѓу другото и самиот го призна делото за кое го обвинувам. Сега се обидува да манипулира и кажува дека не им кажал на инвеститорите дека се води истрага во време кога немало истрага, туку дека ги предупредил дека ќе се води истрага. И да е така, а не е така, самото по себе нема никаква суштинска разлика. Јас не знам како поинаку изгледа бркање странски инвеститор. Што требало друго да направи? Требало да ги истепа или пиштол да им извади за да ги избрка?! Врз база на доказите обвинителството нека оцени дали ја злоупотребиле функцијата и ме оштетиле мене, но и Буџетот на Репубклика Македонија. Од друга страна, не само што тогаш не пријавиле, ниту Ден Дончев ниту Венко Филипче, туку ни до ден денес не го сториле тоа.

Како мислите дека ни до ден денес немаат пријавено?

ИвановаПа, пријавата во обвинтелство не е од нив, иако на толку сомневања морале да го сторат тоа по службена должност. Пријавата е од допрен глас ден по продажбата. Не можам да тврдам, но се сомневам дека Ден Дончев се крие зад допрениот глас, затоа што здружението „Нефрон“ демантираше.

Дали имате информација дека премиерот Зоран Заев знаел што прават Ден Дончев и Венко Филипче?

Иванова: Не можам да кажам колку и што знаел премиерот. Од изјавите на инвеститорот се гледа дека бил информиран и амбасадорот на Шведска, меѓутоа во колкава мера бил манипулиран од директорот на Фондот за здравство и од министерот за здравство, не можам да кажам. Во секој случај, можам да кажам дека премиерот доста благонаконо и кооперативно гледаше на инвестицијата од странство, меѓутоа, сепак, мислам дека влијанието на Ден Дончев и Венко Филипче врз него беше поголемо отколку реалната ситуација, па и самиот тој изјави дека можеби во целиот процес има конфликт на интереси алудирајќи на евентуална инволвираност на кумот на поранешниот премиер. Ристо Новачевски работеше како директор за развој неколку години и е професионалец во својата работа. Никогаш не подигал износи за какви зборуваше Ден Дончев на прес-конференцијата. Замислете, 12 милиони денари на банкомат! Плата секако добивал со сите придонеси кон државата, но пари во готово не. Нема простор за непотизам во приватниот сектор како што се навикнати политичарите. Во приватниот сектор не се успева така, или знаеш и сакаш да работиш или не знаеш, тој е критериумот. Ниту еден вработен од безмалку 300 луѓе никогаш не сум прашала за политичка определба или роднинска поврзаност со политичар и тоа најодговорно го тврдам, а сигурна сум дека има такви релации со оглед на тоа колкава земја сме.

Дончев избегна да одговори на новинарските прашања дали се познава со второосомничениот во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец. Попрецизно, одговори дека го знае од телевизија. Дали имате поинаква информација?

ИвановаПод целосна морална и кривична одговорност тврдам дека лично многу добро се познаваат и се гледаат, контактираат. Зошто Дончев изјави како што изјави, нека објаснува на некое друго место.

На крајот, директно прашање – дали се точни шпекулациите  дека Дончев отворено побарал половина од „Диамед“?

Иванова: Редот е прво ЈО за организиран криминал да го дознае одговорот на ова прашање.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.