Осумдесет и еден ученик од штипските основни и средни училишта се испишани поради нивно заминување во странство. Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева, денеска истакна дека оваа бројка на испишани ученици е од септември до декември 2022 година, односно за време на првото полугодие од учебната 2022/2023 година.

Податоците ги добивме од директорите на училиштата, во средните училишта имаме 12 испишани ученици на ниво на општина, додека кај основните училишта ситуацијата е малку позагрижувачка бидејќи таму имаме околу 69 ученици за кои е побарана исписница. Меѓутоа, добивме информација од некои директори дека се случува семејствата кои заминуваат во странство по еден месец и да се вратат повторно во своите домови. Значи има и таква тенденција – вели Санева.

На прашање колку од овие ученици се вратени по еден месец, Санева одговори дека во проценти се од 20 до 30.

Родителите на овие ученици кога заминуваат во странство, отсуството го земаат за еден месец, бидејќи толку и можат да бидат отсутни од настава и кога отсуствуваат, го нагласуваат тоа и во тој месец знаат дали ќе останат таму или ќе се вратат и се случува да се вратат – вели Санева.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.