Дали притисокот на Соединетите држави во врска со неконструктивноста се усмерува од опозицијата кон власта? Неодамна поставениот специјален претставник за Балканот, Метју Палмер синоќа на Блед им порача на вице премиерката Шекеринска и на шефот на дипломатијата, Димитров дека партиските игри и обиди да се избегне одговорноста за криминалот се завршени, а правната држава мора да функционира за Македонија да го добие своето место во ЕУ и НАТО.

Правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ, подвлече Палмер.

Во соопштението од МНР за средбата се наведува и дека соговорниците се согласиле дека криминалот и неговите протагонисти ќе бидат казнети без исклучок, бидејќи неказнивоста во земја членка на НАТО и со европска иднина, не е опција. Шекеринска од своја страна порачала дека сегашната генерација политичари обезбеди членство во НАТО и заслужи почеток на преговорите со ЕУ следниот месец и дека токму затоа нема место за калкулации, предметите на СЈО ќе имаат пресуди, а секој што се огрешил пред Законот ќе одговара, без исклучок.

Според познавачите на приликите, пораката на Палмер и тоа како се разликува од онаа на помошникот државен секретар Филип Рикер кој пред месец и половина во Скопје исто така спомнуваше дека нема време за политички игри, но притоа и се обраќаше конкретно на опозицијата дека мора да биде конструктивна во врска со Законот за јавно обвинителство.

(Извор – ТВ Алфа)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.