Министерството за образование и наука (МОН) го повлече учебникот по македонски јазик за петто одделение поради несоодветна и дискриминирачка содржина, соопштија од МОН.

Од МОН велат дека е во тек подготовка на целосно нов Закон за учебници со кој ќе се надминат недостатоците во овој сегмент од образованието.

Исто така, известуваме дека Министерството за образование и наука веќе го повлече учебникот по Македонски јазик за петто одделение, поради несоодветна и дискриминирачка содржина. Во овој учебник се констатирани дискриминирачки текстови, но и примери коишто ја засилуваат родовата нееднаквост. Утврдени се голем број пропусти и грешки, но и непочитување на македонската стандарднојазична норма, соопштија од МОН.

Автори на тој учебник се : Љубица Севдинска и Весна Настоска, а рецензенти: Проф. д-р Благица Петковска, Митра Цилевска проф. по македонски јазик и  Билјана Герас проф. по македонски јазик. Овој учебник бил во употреба од 26.04.2010 година.

На социјалните мрежи се води расправа за учебникот по македонски јазик за шесто одделение во кој во текст со наслов „Три добри совети“ пишува:

По некое време селанецот се скарал со жена си и дигнал секира да ја заколе, но веднаш се сетил на советот: Кога ќе се налутиш, изброј до петнаесет, па после да го извршиш тоа што си намислил“.

Ова е извадок од текст во учебникот, кој е пренесен како народна приказна во која се раскажува како еден селанец со три алтани купил три совети.

Од МОН за овој учебник велат дека не може во тек на учебна година тој да биде повлечен, бидејќи е комплицирана процедурата и додаваат дека е во тек подготовка на целосно нов Закон за учебници со кој ќе се надминат недостатоците во овој сегмент од образованието.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.