Наместо традиционално, со богата програма и настани, и оваа година поинаку ќе биде одбележан 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје традиционално секоја година со повеќе свечености ги одбележува 24 Мај –  Денот на светите Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот и годишнината од своето основање. И оваа година, УКИМ ќе го одбележи својот патронен празник без традиционалните чествувања.

Дел од чествувањата, наградувањето на најдобрите студенти, промовирањето на почесни звања и титули ќе се одржат, се надеваме во подобри времиња кои ќе се создадат по масовната имунизација на вработените на УКИМ и на населението во земјава, информираат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. 

Чинот на положување цвеќе ќе се одржи пред споменикот на светите Кирил и Методиј, кој се наоѓа на платото на универзитетскиот кампус за општествени науки. Притоа ќе се почитуваат протоколите и мерките за заштита од КОВИД-19.

Цвеќе ќе положат делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски и пратениците Дарко Каевски и Велика Серафимовска-Стојкова, делегација на УКИМ, која ќе ја предводи ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, како и делегација на Универзитетското студентско собрание на УКИМ предводена од претседателот Ева Цветковска. Цвеќе ќе положат и високи делегации на државниот врв, дипломатскиот кор и на други општествено-политички организации во државава.

Во чест на Св. Кирил и Методиј, Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ со поддршка на Општина Струмица вечер во Градскиот парк во Струмица го организира 14-то издание на „Роднокрајни поетски средби“. 

На поетската манифестација ќе учествуваат поетите Никола Маџиров, Вања Изова Велева, Сузана Мицева, Ице Беличев, Мариета Дукиќ, Македонка Маџирова, Митко Гогов и Катерина Панов Кожаров, а воведната реч ќе ја има Ацо Гогов.

Големите македонски и сесловенски просветители Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.