Откако беше откриено дека за една година во пет различни институции несудената конзулка Бесмира Ејупи заработила околу 12 илјади евра од државниот и од повеќе општински буџети, ДКСК покрена постапка, а на денешната седница донесе одлука да поднесе иницвијатива за кривичен прогон на Државниот правобранител Фехми Стафа, како и на градоначалниците Блерим Беџети (Сарај), Висар Ганиу (Чаир), Енвер Пајазити (Брвеница) и Борче Митовски (Петровец).

Тие ги потпишувале договорите на дело со Бесмира Ејупи во 2021-вата година. Според договорите Ејупи требало да оди секојдневно на работа во повеќе институции што е и физички невозможно. Покрај тоа во извештаите за сработеното, за Ејупи било впишувана една те иста содржина. Ејупи се уште е на државна плата од парите на граѓаните во Државното правобранителство.

-Основа за овој предмет се написите кои се појавија во медиумите во однос на исплата на средства по однос на договор за дело на едно лице од повеќе институции, односно како што е познато за новинарката Бесмира Ејупи која по основ на договори за дело добивала средства од четири општини и од една државна институција. Имајќи предвид дека нашиот закон во член 2 вели дека под корупција се подразбира злоупотреба на функција јавно овластување службена должност или положба за остварување корист директно преку посредник за себе и за други, јасно е дека за овие ситуации постои таква можност за кривично гонење, рече Катица Николовска член на ДКСК која на денешната седница го образложи предметот од документите што ги добиле од институциите.

Таа појасни дека до сите инволвирани институции било испратено барање да доставаат соодветна документација поврзана со овој случај. Од добиените документи, рече Николовска, се гледа дека ова лице со Државното правобранителство има два договора од март 2021 и сѐ уште активен во 2022 година со делокруг на работни задачи од Одделение на општи и заеднички работи, работно место за кое веќе имало вработено едно лице.

Карактеристично, според Николовска, е дека во извештаите за извршените работи секој месец се користени исти зборови, иста содржина, ист распоред, дури се користел еден терк за секој месечен извештај.

Името на Бесмира Ејупи стана актуелно откако беше обелоденето дека иако нема никакво искуство во надворешната политика, МНР ја предложило за нареден генерален конзул во Њујорк. По реакциите на јавноста, владата и МНР беа приморани да се откажат од својата идеја, скапо платената административка да биде дипломат во „Големото јаболко“. Засега нема никаква иницијатива за враќање на парите кои ги земала од државни институции каде одговорни лица биле од ДУИ (4) и од ВМРО-ДПМНЕ (1).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.