Пожарот кај селото Богословец во Свети Николе сè уште е активен и со истиот опожарени се бор, нискостеблеста дабова шума и смрека
Пожар има и во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Прилеп и се наоѓа на непристапен терен
Пожарите во Делчево, Пехчево, Свети Николе, Штип, Прилеп, Куманово, Валандово и Радовиш се сè уште активни, повторно гори и во Гостивар, додека пак пожарот кај Сарај е ставен делумно под контрола, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата со пожарите до 14 часот.

Во Делчево сè уште е активен пожарот во атарот на селото Нов Истевник и е во дијаметар од 15 километри, а опожарени се околу 1 000 хектари. Во овој момент, најкритично е кај Света вода, меѓу селата Тработивиште и Разловци.

Интервенираат 60 припадници на Армијата, 22 припадници на МВР, ЕБР, единицата Тигри со 24 припадници, на терен се и од шумското сотпанство „Голак“, пожарникарските екипи од Делчево и Македонска Каменица, припадници на гранична полиција, волонтери од Црвен крст, како и пожарникари од Бугарија.

Во Пехчево, пожарот на местото викано Бајаз Тепе пожарот е раширен кај селата Робово, Умлена и Чифлик. Опожарена е високостеблеста дабова и борова шума, нискостеблести растенија, смрека, стрништа и пасишта.

„Поради силината на ветерот пожарот го префрли регионалниот пат Берово-Делчево и се движи накај селото Црник. Патниот правец е забранет за движење. Противпожарна екипа од Словенија е распоредена во атарот на селата Црник и Негрево. Интернивенираа и хеликоптери. Пожарот околу село Црник е ставен под контрола, а на терен е месното население заради контрола околу селото. Во моментот пожарот е и над селото Мачево, каде има распоредено екипи“, информираат од ЦУК.

Пожарот кај селото Богословец во Свети Николе сè уште е активен и со истиот опожарени се бор, нискостеблеста дабова шума и смрека. Активен е и пожарот кој од селото Богословец се префрли кон селата Криви Дол и Добришани во Штип. Кракот кон селото Добришани под дејство на ветрот го има сменето правецот и се движи кон река Брегалница. Кракот кој гори во близина на магацините на АРСМ во селото Криви Дол е под контрола на 30 војници и се работи на негово локализирање. На опожарените локации кај Свети Николе интервенираат и протипожарни екипи со теренски возила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.