По реакциите на јавноста, но не и на државниот врв за погрешната изведна на националната химна на Република Македонија се јави Тамара Тодевска со извинување од дното на срцето.

Тамара вели дека многу жали што понесена од емоции и од еуфорија ја погрешила химната, па наместо да изведе официјална верзија, таа направи каша-попара од неколку верзии на химната.

Дозволете ми од дното на моето срце да ви се извинам за вчерашната грешка.
Не постои поголема чест за еден уметник од пеењето на националната химна и токму поради тоа и ја прифатив поканата од амбасадата на САД. 
Не постојат зборови со кои можам да ја опишам мојата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната.
Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната.
Уште еднаш ви се извинувам за оваа грешка и се надевам дека ќе најдете простор во вашите срце да ми простите.
Со почит, Тамара

Академијата за протокол, во опширен коментар, потсетува на значењето на химната и дека за сквернавење и навреда на државата предвидени се соодветни санкции.

Верзијата што Тамара Тодевска, наводно, ја испеала сношти, е некоја комбинација на текст од оригиналната верзија, верзијата од 1989 и новата, од 1991 година.

Националната химна на секоја држава, е неприкосновена свечена песна која не смее да претрпи импровизации, моделирања, скверавења. Очекувам надлежните да утврдат дали интонирањето на видоизменетиот текст на химната сношти навистина се случил, зошто се случил, дали бил со намера и политичка заднина или едноставно, превид без зла намера.

Со оглед дека американскиот протокол ми е во тесна специјалност, знам многу добро колкаво значење има американската химна за американскиот народ и колку се вреднува традицијата на нејзиното интонирање. Но, знам колкава важност има и мојата химна за мојот народ! Оттаму, очекувам објаснување за овој случај, доколку навистина се случил.
А патем, прекршочните одредби за погрешното изведување на македонската химна се дадени во законот, од член 30 па натаму, пишува во Фејсбук коментарот на Академијата за протокол.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.