Граничната полиција на Република Македонија доби донација од заштитни маски, заштитни ракавици и дезифициенси од Владата на Република Полска, во рамки на побараната помош преку Евроатлантскиот координативен центар за катастрофи при НАТО.

Донацијата ја врачи амбасадорот на Полска во државава Војциех Тицињски на заменик директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Ариф Асани, на Граничниот премин „Богородица“.

Несебичната поддршка од Република Полска, најнапред за справување со миграциската криза, а сега и во справувањето со корона вирусот, само ја потврдуваат одличната соработка меѓу двете држави и двете министерства за внатрешни работи, која ќе продолжи да се развива и во иднина – истакна заменик директорот Асани.

Полскиот амбасадор Тицињски, пак, од своја страна нагласи дека оваа активност се реализираше по иницијатива на претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, во соработка со полската Влада.

Полската помош ја потврдува важноста што ја даваме на пријателските односи со земјите од регионот. Полска доследно и активно ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон европската интеграција. Ова се однесува и на политичката сфера, како и на практичното споделување на нашите искуства од периодот на пристапните преговори – порача Тицињски.

Како што информираат од МВР, заменик директорот на БЈБ, Асани, се заблагодарил за донацијата во име на МВР и упатил посебна благодарност до припадниците на полската гранична стража, кои заедно со македонската гранична полиција учествуваат во заедничките операции за зајакнат надзор на нашата јужна граница, пред сè во борбата против илегалната миграција, притоа оддавајќи признание за нивната висока професионалност во извршувањето на поставените задачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.