Независниот синдикат на полицијата реагира дека на измената во работното време на полициските службеници, која се воведува во екот на енергетската криза и досегашните 12-часовни се заменуваат со осумчасовни смени е сериозен проблем. Од Синдикатот апелираат министерот и директорот на БЈБ итно да го надминат проблемот.

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев, на прес-конференција пред МВР појасни дека овие измени, значат дека полициските службеници кои досега требало да патуваат по 12-13 пати во текот на месецот сега треба истото да го прават 21-22 пати.

Во ек на економска и политичка криза со цените на горивата на неколку поедицни во МВР им текна една интересна идеја смените да ги префрли од постојните на работа по осум часа на ден. Ова е сериозен проблем и прашање што уште утре, министерот преку директорот на БЈБ треба да го надминат – изјави Делчев.

Тој нагласи дека оваа состојба критично се одразува на егзистенцијата на полицајците затоа што поголемиот број воопшто не работат во своите општини и треба да патуваат.

Како да одат на работа на осумчасовно работно време од Гостивар до Ростуше или од Прилеп до Старавина. Тие се места што се по 70-80 километри оддалечени од местото на живеење на полицајците – изјави Делчев.

Од НСП посочуваат дека овие избрзани решенија системски го уништуваат полицаецот и го намалуваат неговиот семеен буџет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.