Обвинителството од Кавадарци до Судот во Неготино поднесе обвинение за поранешен градоначалник на Неготино за злоупотреба на службената положба.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска до Основниот суд Неготино поднесе обвинителен предлог против обвинетиот, со кој го товари за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти утрово Јавното обвинителство на РМ.

Обвинителството утврдило дека обвинетиот во временскиот период од 2014 до 2017 година, во повеќе наврати, како службено лице – градоначалник на Општина Неготино ги пречекорил границите на службените овластувања со намера за вработени во општината, четворица државни службеници да прибави поголема имотна корист во вкупен износ од 694.583 денари.

Како што е наведено во соопштението, обвинетиот постапил спротивно на одредбите од Законот за работни односи, Законот за државни службеници, Законот за административни службеници и Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија каде е предвидено дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, при што додатокот за плата за прекувремена работа да биде во износ од 35 отсто од износот на основната плата пресметана по час.

Обвинетиот го извршил кривичното дело и нанел штета на Буџетот на Општината, со тоа што потпишал на вработените во општината да им биде исплатено повеќе од 190 часа годишно прекувремена работа и тоа по 40 отсто за час, без да постои поединечно решение и извештај за прекувремената работа, ниту уредно архивско заверување, велат од Обвинителството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.