Здружението на граѓани за почитување на прописите од Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а против СЈО, поради незаконско отворање на истражни постапки по истекот на рокот од 18 месеци кој беше предвиден за неговата работа. Кривичната пријава освен за Катица Јанева се однесува и на 10 нејзини помошници, кои покренале истражни постапки за 11 предмети, со цел, како што нагласуваат од Здружението, да им наштетат на одредени лица, а по истекот на предвидениот рок предвиден во членот 22 од Законот за јавно обвинителство.

Од Здружението потенцираат дека СЈО делува како огранок на политички структури и е под заштитата на моќни надворешни сили, но велат дека законите се закони и мора да ги почитуваат сите, без разлика на ароганцијата со која специјалните обвинители ги вршат своите незаконски дела. Истовремено ова Здружение поднесе и предлог за разрешување на јавната обвинителка Вилма Рускоска која на телевизија призна дека била дел од Шарената револуција организирана од политичката партија СДСМ. Со оглед дека нејзината функција е неспоива со вршење политички активности, очекуваат Советот на јавни обвинители сериозно да го разгледа нивниот предлог и да ја утврди нејзината одговорност.

Здружението чија главна дејност е следење на избори и судски постапки, има поднесено кривична пријава и против Ферид Мухиќ, Горан Мисовски, Талат Џафери и уште 64 пратеници за нелегалниот избор на претседател на Собранието на 27 април. Костески тогаш порача дека Јавното обвинителство треба итно да постапи против овие пратеници кои сториле тешки дела меѓу кои и велепредавство, но сега истакнува дека, со оглед на состојбата во која се наоѓа македонскиот правосуден систем, иако Јавното обвинителство и натаму истражува, малку е веројатно дека ќе има каква било разрешница.

(извор – Алфа.тв)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.