На сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 нема ниту трага од парите, речиси еден милион евра, кои две градежни компании ги исплатиле на лица од Сојузот за проектите за изградба на европски центри за возрасни лица.

Податоците од Централниот регистар до кои дојде ТВ24 покажуваат дека во финансиските извештаи на Сојузот ги нема 720-те илјади евра исплатени на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска од битолската компанија „Пелистер“ на Силјан Мицевски. А нема трага ниту од 233-те илјади евра кои легнале на сметката на потпретседателката на Сојузот, Јасна Мандиќ Ерцеговиќ, од струшката компанија „Дрим Билдинг“. Токму Мандиќ е потпишана на вчерашното соопштение од Сојузот во кое тврди дека парите кои легнале на нивните сметки се потрошени за потребите на Сојузот и за двата договора со компаниите.

Сојузот на Боки 13-ка лани ја завршил годината со 11 евра на сметка. Прикажал приходи од околу 3.000 евра кои ги добил од членарини, подароци, донации и од други извори, и потрошил речиси толку за материјални расходи и помош и дотации и за други расходи. Претходната пак 2017 година немал обврска да достави завршна сметка оти имотот и приходите на Сојузот не биле повисоки од 2.500 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.