Со задоцнување од 50 минути, почна продолжението на 86. пленарна седница на која Собранието треба да одлучи дали кризната состојба ќе продолжи уште шест месеци, од денеска до 30 април 2023 година.

Пред пратениците се Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на целата територија на државата заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, како и Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на подрачјето на Град Скопје заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

Прв за збор се јави пратеникот Бојан Стојаноски кој обвини дека Владата нема никаков план за надминување на состојбата.

Премиерот Димитар Ковачевски завчера, на вонредната прес-конференција во Владата, апелираше сите пратеници да го поддржат продолжувањето на кризната состојба зашто, сега, како што истакна, не е време за собирање политички поени, туку за разум, солидарност и социјална грижа.

-Сакам да им укажам на Собранието и на пратениците од сите политички партии да се одважиме заедно и конечно да се обединиме за интересот на граѓаните, порача премиерот.

Двете предлог-одлуки претходно се разгледуваа на собраниската Комисија за одбрана и безбедност. Расправата траеше пет дена, а заврши завчера. Како што образложи министерот за економија Крешник Бектеши, целта на продолжувањето на кризната состојба е да им се помогне на граѓаните, стопанството и институциите.

Предлог-одлуките за продолжување на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата и во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје беа усвоени од Владата на 12 септември, а ако го поминат собранискиот филтер, треба да почнат да се применуваа од денеска. Одлуките, пак, за прогласување на кризните состојби беа донесени во август и стапија во сила од 1 септември 2022 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.