Лидерите на земјите членки на НАТО се собраа на самитот во Брисел – Македонија  првпат седна на столчето како полноправна членка на Алијансата.

Земјата е посветена на колективната безбедност на НАТО – ова е пораката која премиерот Зоран Заев, која ја предводи македонската делегација – ја испрати од Брисел.

Членството во НАТО беше остварување на нашата стратешка цел, а Алијансата ја подобри стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан. Тука сме да ја потврдиме нашата обединетост, кохезија и солидарност во справувањето со идните предизвици. Ги делиме истите вредности и стоиме рамо до рамо во Алијансата, посветени сме на колективната безбедност, посилни сме заедно, изјави Заев.

Членството на Македонија и Црна Гора е доказ дека вратите на НАТО се отворени – рече генералниот секретар на Алијансата. Според Столтенберг денешната средба во Брисел се случува во клучен момент.

Ќе отвориме ново поглавје во нашите транс-атлантски односи. Лидерите ќе разговараат за широк спектар на прашања, меѓу нив и за односите со Русија. Нашиот однос со Русија е на најниска точка од крајот на Студената војна. Ќе и се обратиме и на Кина, изјави Столтенберг.

Денешниот самит на НАТО, освен за Македонија, прв е и за американскиот претседател Џо Бајден. Тој најави дека САД се враќа во Алијансата како и во меѓународните односи, по четири години критики од неговиот претходник Доналд Трамп. Покрај иднината на Западен Балкан и амбициозната агенда за 2030-та година во однос на безбеноста и одбараната, дел од темите за кои дебатираа 30-те лидери СЕ И односите со Русија и Кина, како и сајбер безбедноста, климатските промени и буџетот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.