Транспортот од СЈО во ОЈО на сите прислушкувани разговори кои Зоран Заев ги предаде на Катица Јанева почнува од денеска. Од СЈО вчера потврдија дека се подготвени за „големата преселба“, а републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески наведе дека сите технички процедури за транспортот на „бомбите“ и доказите се веќе договорени.

Мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева истекува в недела на 15 септември и нема изгледи дека дотогаш ќе се донесе нов закон за продолжување на работата на СЈО, кое заминува во историјата со неславен рекетарски крај.

Како што беше вчера најавено, секој обвинител најверојатно ќе треба да го спакува својот предмет, но пред тоа да го попише и архивира. Истата процедура ќе важи и за истрагите и предистрагите. На тој начин ќе му бидат отстапени на Јовески, а можно е физички и воопшто да не бидат изнесени, бидејќи зградата на СЈО останува во сопственост на Јавното обвинителство понатаму.

Во моментов непознато е како ќе се распоредат понатаму вработените на СЈО, кои вчера се обратија до амбасадите во Македонија и до државниот врв да им најдат чаре. Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека дадено е предлог сите специјални обвинители да се префрлат во републичкото обвинителство.

Обвинителката од СЈО Ленче Ристоска вчера пред рочиште во Кривичен суд рече дека тие сè уште функционираат според законот за СЈО. Од ова обвинителство вчера соопштија и дека се подготвени да одговорат на дописот на ЈО, а тоа е веднаш да ги предадат предметите по кои постапуваат со сите списи и докази.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.