Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 1.161 случај на заразени со ковид-19, со што бројката на активни случаи во државава се искачи на 21.797. Сепак, според надлежните, болниците располагаат со слободни кревети, а од ресорното Министерство уверуваат дека се во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека во болниците низ државата вкупно се лекуваат 1.340 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Потенцираат дека сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.

Доктор Дејан Трајковски, пак, сподели дека статистиката покажува дека од вкупниот број на дијагностицирани пред 14 дена умреле 3,50%. Но, од сите коишто влегле во болниците пред 14 дена (просечното време на болничко лекување) до денес умреле вртоглави 34,8%! Поточно, од сите дијагностицирани 9,3% стигнале до болница, а од тие коишто влегле во болница 34,8% (секој трет) починале.

Во меѓувреме нашите здравствени власти ги прошируваат болничките капацитети (каде што ќе умира секој трет), наместо да го сопрат разболувањето, страдањето и умирањето. Ама ете, процениле дека лекувањето и умирањето биле поевтината варијанта. А народ како народ, им верува, па дури и се радува што не мора да се лишува од довчерашните хедонистички навики и мисли дека умирањето им се случува само на некои други, коментира тој.

Од почетокот на епидемијата, вкупно има 72.044 дијагностицирани лица со ковид. Досега оздравеле 48.170 пациенти, а вкупната бројка на починати е 2.077.

На страна ковид-19, пак, хронично болните и останатите пациенти се жалат што и по 10 месеци властите сè уште не се снашле како паралелно да се одговори и на нивните здравствени потреби.

Дијабетичарите реагираат што не е снабден инсулин, пациенти со малигни заболувања зошто мора секој месец да обезбедуваат документи, иако беше највено дека теба да добијат мислење од Комисија за повеќе месеци.

Матичните лекари, пак, меѓу другото, велат дека целосно е промашена стратегијата со годинешното вакцинирање за сезонски грип.

Наместо награда, пак, на преморениот здравствен кадар кој е на работ на сили и нерви, им се крати од платата доколку заболат од ковид-19.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.