По кратко боледување во Скопје, почина Ѓорѓи Доцев Банев, поранешен политички затвореник, суден поради идеите за самостојна и независна Македонија. Пеколот што го преживеал во затворите во Македонија и во бивша Југославија ќе остане сведоштво за едно време и режим во кој биле следени, репресирани, затворани сите оние што се залагале за самостојна македонска држава.

Пред неколку години, професорката Виолета Ачкоска објави книга насловена како „Демнеечки дух“ во која се соддржани документи од досиејата кои службите ги воделе против Доцев. Полициското досие, кое најчесто било водено по презимето Ордев, е собирано долги години. Содржи 1.508 страници, во кои се појавуваат имињата на најмалку 74 соработници на полициските служби.

Ѓорѓи Доцев е родум од Свети Николе. Откако завршил основно образование во родното Свети Николе го продолжил школувањето во учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип, каде што се приклучил на организацијата ВМРО – ПРАВДА. И токму поради членството и активноста во организацијата ВМРО-ПРАВДА бил осуден во 1950, и тоа како 18-годишен ученик. Во затвор поминал две години. Втората затворска казна ја издржувал во периодот 1972-1975, за учество во бомбашките напади на грчкиот конзулат и киосците на „Политика“ во Скопје.

До пред некое време, Ѓорѓи Доцев Банев беше Претседател на Унијата на ветерани и член на извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ а во последните неколку години од својот живот беше активен и во здруженијата на политички затвореници судени за идеите на Македонија. Погребот ќе биде извршен во сабота (28.12.2019 година) а посмртните останки ќе бидат изложени во Капелата на Градските гробишта Бутел од 11:30 до 12:30 часот.


Повеќе на Нетпрес

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.