Бројката на новозаболени и починати од ковид-19 во Македонија рапидно расте без да се спречи. Мерките кои што ги најавуваше министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести не не вродуваат со плод. За несоодветните мерки донесени од страна на власта во државата говорат и светските статистики. Според статистиката на Европскиот центар за превенција и контрола Македонија котира многу високо во два клучни параметри: стапка на заразени на 100.000 жители, и стапка на смртност на 100.000 жители.

Есенскиот бран во Македонија ги наполни болниците, а власта се уште смирува дека се оди како што треба. Европските земји и земјите во регионот додека носат поригорозни мерки за заштита на граѓаните од вирусот, власта ги обвинува граѓаните за големата бројка на заразени од корона. Ваквиот несоодветен пристап на власта и мерките кои не раѓаат очекуван плод ја рангираа државата меѓу првите во светот по новозаболени и починати.

Според статистиката на Европскиот центар за превенција и контрола од почетокот на месецов, заклучно со 26-ти октомври, во земјата биле регистрирани 9.168 новозаразени од ковид-19 и 182 смртни случаи. Во просек тоа значи нешто над 441 новозаразени на 100.000 жители и 8,76 починати на 100.000 жители, покажува статистиката на ЕЦДЦ. За споредба, ЕУ и Германија ги земаат стапките од 30, односно 50 новозаразени на 100.000 жители како критични.

Последните седум дена од октомври, заклучно со 26.10, само го засилија ваквиот тренд. Па така, од 19 до 26 октомври во земјата починале 85 заболени од КОВИД-19, а вкупно биле регистрирани 3.326 новозаразени. Стапката на смртност на 100.000 жители е нешто над 4, што ја става земјата на петто место во светски рамки во тие седум денови.

Она што загрижува во земјава е високиот процент на смртност. Алармантно е како на околу 500 нови случаи на КОВИД-19 има 22 починати во еден ден, а во Србија, на пример, на околу 700 позитивни случаи има тројца починати. Тоа покажува дека нешто не е во ред со системот. Дека во изминатиот период, наместо да се води политика во однос на епидемијата, требаше да се подготвуваат капацитетите на здравствениот систем за есенскиот бран, изјави за „360 степени“ Арбен Зибери, поранешен директор на Центарот за јавно здравје во Скопје и актуелен пратеник на ДУИ.

(Не)виновен министер

Завчера министерот за здравство, Венко Филипче на прес конференцијата се обиде да објасни зошто во Македонија има висока бројка на починати лица од ковид-19. Според него има две причини, бројните коморбидитети кај заболените и праксата на заболените граѓани многу доцна и во поодмината фаза на болеста да се јавуваат на болничко лекување.

Огромен процент од пациентите се со коморбидитети, тешка форма на некоја друга хронична болест од која биле лекувани долго време. Има и сериозен број на пациенти што многу доцна доаѓаат во болница со многу тешка манифестација на болеста и тоа е тренд што нè следи од почетокот. Над 85 проценти од починатите се пациенти што имаат коморбидитети, вели Филипче на својата прес конференција од завчера.

За оваа ситуација која што се случува во земјава реагира во неколку наврати и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која дури заедно со партиите Алијанса, Алтернатива и Левица поднесе предлог закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести. Партиите бараат да се формира посебна Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието и ќе треба да допринесе за ставање под контрола на ситуацијата со КОВИД-19 која што секојдневно се влошува.

Целта е да се формира Комисија која што ќе биде составена од професионалци кои се докажани во своите области и кои што со своето објективно работење и носење на одлуки ќе допринесат за нормализирање на тешката состојба во која што се наоѓа Република Македонија предизвикана од ковид-19 кризата, пишува во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“од каде порачуваат дека е очигледно оти Владата на СДСМ и здравствените власти немаат капацитет да се справат со проблемот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.