Министерката за одбрана Радмила Шекеринска со речиси истите ставови и концепти настапува повторно пред јавноста, како и пред две години, кога како опозиција го критикуваа системот и нудеа суштински промени во истиот.

И по половина мандат владеење, министерката повторно вели дека системот бил трул и биле потребни суштински реформи, па продолжи со ветувањата дека промените ќе направеле системот да функционира.

Системот толку станал трул, толку станал зависен од добрата волја на администрацијата, некој ќе го крсти добра волја, некој корупција можеби, што ако тој дел не го промениме, ниту една метла нема да биде доволна за граѓаните. Јас сум свесна дека од владата се очекуваат промени во суштина, а не во шминка. Ни треба чувство кај граѓаните дека без разлика дали се вика Петко или Станко, дали е машко или женско, дека кога ќе чукне на врата во администрацијата, ќе добие одговор и тоа што му треба ако законот го овозможува тоа и второ чувство, дека без разлика кој е, законот ќе важи подеднакво за сите, вели министерката во интервју за медиумите.

Додека министерката зборува за суштински реформи во системот, јавноста очекува одговорност за неисполнетите ветувања и проекти, а ја очекува и метлата која треба да донесе промени во Владата. СДСМ гласно зборува за метла, а пак ДУИ се повеќе во игра го ставаат ветингот, процес кој може да трае подолго од мандатот на сегашната владина коалиција. Според експертите ветингот и метлата не мора да бидат мегусебно поврзани, тоа можат да бидат одвоени процеси кои на одредена точка ќе се спојат, но доколку ветингот не се користи како алиби за пролонгирање на метлата.

Популарната „метла“, која првично требаше да се случи веднаш по завршување на изборите, беше инспирирана од непотизмот кај одредени функционери и злоупотребата во работењето на одредени министри. Кај дел од функционерите на СДСМ и ДУИ непотизам констатираше и антикорупциска, посебно во случајот на сестрата на министерот Бектеши, потоа синот на пратеничката Мира Стојчевска, сестрата на министерот култура Асаф Адеми, кај сопругот на државниот секретар во МНР, Магдалена Несторовска, како и кај роднина на прилепскиот градоначалник Илија Јовановски.

Премиерот Заев вчера конечно се фати за метлата – но чистката не почна кај највисокото раководство како што очекуваше јавноста, туку во структурите на социјал-демократите, каде вчера 78 претседатели на општинските организации ги изгубија фукнциите.

Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.