Собранието вечерва ги разреши од функцијата министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и министерот без ресор задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика. Тие беа разрешени со мнозинство гласови.

Освен нив, на почетокот на денешната собраниска седница беа констатирани оставките на министрот за земјоделство Љупчо Николовски, на министерот за култура Асаф Адеми, на министерот за животна средина Садула Дураку и на министерот без ресор Зоран Шапуриќ.

Денешната расправа за предложената реконструкција на Владата помина во остри реплики и контрареплики меѓу опозицијата и власта. Освен за политиките на Владата, пратенциите се конфронтираа и за капиталните инвестиции, за Договорот од Преспа и за евроинтегративните процеси на државата.

Опозицијата оцени дека станува збор за погрешни кадровски решенија бидејќи се разрешуваат ефикасни министри, а остануваат министри во Владата кои не покажале резултати. Пратениците од опозицијата побараа оставка од Заев на премиерската функција, формирање на техничка влада и предвремени парламентарни избори во октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.