Државниот завод за ревизија открил низа на нерегуларности во работењето на АД Пошта. ревизорите констатирале дека во услови кога Поштата работи со загуба, Надзорниот одбор одобрил склучување на договори за менаџерско осигурување за седуммина членови на Управниот и на Надзорниот одбор.

Според извештајот, платено е менаџерско осигурување за период од 1.04.2018 до 1.04.2019 година во вкупен износ од 2.760.000 денари, или околу 45.000 евра. Овие директори ги бира Владата, тие примаат плата, а ако одобри Надзорниот одбор може да склучи и договор и за нивно менаџерско осигурување со осигурителна компанија што ќе понуди најповолни услови.

АД Пошта работела со загуба, која до крајот на 2018 година изнесувала околу 10 милиони евра, од кои само во 2018 година се направени над 2,5 милиони евра, а остатокот е од претходните години, што говорело дека финансиската состојба на друштвото е значително влошена.

Тоа, пак, според прописите, укажувало дека во такви услови не требало да се склучуваат договори за осигурување на менаџерите, односно дека трошоците за менаџерското осигурување не биле целисходни.

Ревизорите одговорноста ја лоцирале кај Фадис Реџепи, генерален директор и претседател на УО од 1.09 2014 до 31.08.2018 и кај Ејуп Рустеми кој е генерален директор и претседател на УО од 1.09.2018 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.