Се оствари она за што беше повеќе од сигурен лидерот на ДУИ Али Ахмети. „Емоциите“ на Беса го прелеаја парламентарното мнизнство на страната на опозицијата, а по 18 години ДУИ конечно заминува во опозиција.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од Собранието порача дека не верува оти Движењето Беса ќе излезе од владејачката коалиција, но сепак, Желино ѝ пресуди на владејачката коалиција, како што и најави генералниот секретр на партијата Беса.

Сметам дека нема да се случи Беса да ја напушти Владата, зашто таквиот потег нема да ѝ биде од полза на таа партија. Нивните изјави може да се разберат како еден вид притисок врз владејачката коалиција, но коалицијата нема да биде оштетена од таквите изјави или слични притисоци. Пред сѐ, тоа не е добро затоа што тие изјави значат притисок врз институциите кои мора да го спроведат законот – изјави Ахмети.

И денеска Хоџа повтори дека Ахмети треба да се навикнува на опозиција.

И официјално, од вечерва, по 18 години власт, ДУИ станува опозиција.

ДУИ влезе во високата политика од планина

Со потпишувањето на Охридскиот договор, командантите на УЧК облекоа костуми и како победничка партија од албанскиот блок влегоа во составот на повоената македонска влада. Оттогаш ДУИ е на влст без разлика која македонска партија ја формира владата.

Демократска унија за интеграција  (Bashkimi Demokratik për Integrim BDI) е политичка партија на етничките Албанци во Македонија. Формирана е во мај 2002 година.

Партијата произлезе од јадрото на Ослободителната народна армија (ОНА) која во 2001 година започна воен конфликт против македонските безбедносни сили. Од формирањето во 2002 до 2017 година, партијата победува на сите избори меѓу етничките Албанци и само две години (2006-2008) не е дел од Владата на РМ.

На социјалните мрежи се шири една фотографија, во која на средината е Али Ахмети, а околу него се пречкртани премиерите кои ги испратил од сцената во изминатите 18 години, објави информативната агенција на албански јазик ИНА во својата вест со наслов „Али Ахмети ‘пензионира’ многу премиери, фотографија што се шири со молневита брзина од активистите на ДУИ!“

Заслугите на Ахмети за доаѓањето и останувањето на Заев се огромни. Во 2017 година кога на изборите победија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ тој го прекрши правилото победник со победник во македонскиот и албанскиот блок да коалицираат при состав на владата.

Тоа правило веќе е прекршено и Ахмети веќе нема право да се повикува на никаков Мајски договор и ВМРО-ДПМНЕ може да се земе за партнер било која партија на Албанците без разлика дали освоиле најногу гласови во нивниот кампус.

Слична ситуација се случи  и на последните избори. Заев повторно не можеше без ДУИ да направи Влада па Ахмети испорача ново барање-премиер Албанец.

Тоа не му беше удоволено па тој доби утешна награда а тоа е премиер Албанец во последните 100 дена од владата. Сега и тоа виси, па затоа Ахмети го потсети Заев на ветувањето. Многу одлуки во СДСМ беа носени спротивно на волјата на социјалдемократите само за да се задоволат желбите на ДУИ и Заев да остане на власт.

Откако Ахмети виде на што сѐ е подготвен Заев само да остане на власт, на парламентарните избори во 2020 излезе со ветување за премиер Албанец, кое според договорот за Влада треба да се реализира во последните 100 дена од мандатот, но ваквиот компромис доколку се има во предвид бројот на министерства кои му припаднаа на ДУИ и нивнта тежина, јасно се гледа колку го чинело Заев, а згора на тоа се измисли и функција за Артан Груби како прв вицепремиер.

Ваквите зацврстени позици на ДУИ во Владата почнаа да се одразуваат општо во одлуките на СДСМ, па и во самата оставка на Заев која ја поднесе после дебаклот на избори. Откако Заев поднесе оставка од функцијата премиер и од претседател на СДСМ, Али Ахмети излезе со изјава дека тој не смее да се откажува бидејќи има договор за влада кој е писмен и треба да се спроведе до крај без разлика на резултатот од изборите. Ахмети тури истакна дека имал и тензичен разговор со Заев на оваа тема.

Имавме доста тензичен разговор со Заев, дека не се согласувам со таквото движење, со неговата оставка од партијата и претседател на Владата. Му ги нагласив силните позиции на ДУИ. Овие се локални избори, ние пред 1 година победивме на општите избори и добивме мандат за да раководиме со политиките на државата. Така да и денеска повторно разговарав со Заев, му реков дека не можеме да направиме компромис за големи работи, за тој да се повлече. Да се разгледа во неговата партија оваа одлука која според мое мислење е забрзана и неоснована, рече Ахмети.

Ахмети е искусен волк кој досега испрати од власт шест премиери, што регуларни што технички па сигурно ќе го испрати и новиот премиер и ќе го дочека она што не криеше дека е негова желба а тоа премиер Албанец на „Илинденска“. Сепак, време е волкот да се пензионира.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.