Куманово се дави во урбан хаос. Се дави во неспособност и на централно, но и на локално ниво. Затоа сакаме да ги охрабриме сите граѓани во Куманово дека доаѓа обновата. Таа носи обновување на достоинството, културата, туризмот, науката, инфраструктурата и здравството, – вели носителот на листата на коалицијата „Обнова за Македонија“, Владо Мисајловски во интервју за „Кумановоњуз“.

Кој е кандидатот за пратеник Владо Мисајловски приватно, за граѓаните на Куманово да добијат вистинска слика за идниот пратеник?

МИСАЈЛОВСКИ: Владо Мисајловски е семеен човек, сопруг, татко на две деца, тоа е за мене најважната работа во животот, тоа е она што мене ме детерминира. Но, јас исто така, сум политички активен од моите најрани години бидејќи силно верувам дека ако сакаме да го направиме општеството подобро, ако сакаме да ги постигнеме стандардите во општеството за кои копнееме, тогаш треба да застанеме и да се бориме за нашите верувања. Бидејќи силно верувам во семејните вредности, затоа сум во ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што таа е партијата која најдобро ги претставува моите вредности. Низ своето созревање, поминав низ сите партиски тела и бев и на различни партиски функции од потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ до еве сега потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Имам дадено свој придонес и во менаџирањето на државните институции како државен секретар во Министерството за надворешни работи и министер во Министерството за транспорт и врски, но на која и функција да сум бил секогаш и на секоја сум бил максимално посветен со целиот мој капацитет. Така планирам да продолжам и во иднина, затоа што цврсто верувам дека, покрај семејните вредности, работната етика и целосната посветеност се принципите што ќе го спасат ова општество и ќе ја зачуваат оваа држава! Затоа велам, мора да почнеме со обнова на овие вредности во целото општество за да ја обновиме Македонија, по 15-ти јули Обновата доаѓа… Ќе си ја зачуваме и ќе си ја обновиме Македонија.

Дали сте задоволни од кандидатите за пратеници на вашата листа. Сметате ли дека оние коишто ќе влезат во Парламентот ќе бидат вистински претставници на граѓаните?

МИСАЈЛОВСКИ: Јас сум навистина презадоволен од кандидатите за пратеници на листата на ВМРО- ДПМНЕ, тоа се чесни и вредни луѓе, ама се и луѓе кои добро ги познаваат во средините од кои доаѓаат. Со тоа и мене работата ми е многу поедноставна, бидејќи воопшто не губиме време на претставување на кандидатите туку директно зборуваме за проектите кои ги нудиме за обнова на Македонија, а тука е целата суштина, во спроведувањето на проектите. Овие луѓе зад мене на листата, како и кандидатот за премиер на Владата на Република Македонија Христијан Мицковски, се само гарант дека ќе се исполнат тие проекти. Тие проекти се обновата на Македонија.

Концептот на Обнова на Македонија го изградивме во директна комуникација со граѓаните низ целата држава, вели Мисајловски

Кои се проектите за кои се залагате во Вашата програма „Обнова за Македонија“? Со што ќе ја барате довербата на граѓаните?

МИСАЈЛОВСКИ: Концептот на нашата програма е базиран на потребата да ја обновиме Македонија на секое поле по девастирачкото владеење на СДСМ изминативе три и повеќе години. Ни беше погазено достоинството, ни беа уништени економијата, културата, образованието, беа нанесени неправди и беше злоупотребена правдата, и така натаму, и така натаму… Со еден збор – ни беше свиткана кичмата. Концептот на Обнова на Македонија го изградивме во директна комуникација со граѓаните низ целата држава, водевме разговори за обнова на Македонија и затоа сме убедени дека овој концепт е реално согледување на проблемите и преку ангажирање на врвни експерти нудиме решенија за тие проблеми. Обновата подразбира:

– раст на БДП од 4-5% годишно;

– намалување на стапката на невработеност под 10% преку креирање на нови висококвалитетни и добро платени работни места;

– зголемување на платите за 25% во период од четири години преку системско подобрување на продуктивноста;

– домашни и странски инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период од 4 години;

– модерна индустријализација и зголемување на извозната конкурентност;

– зголемување на бројот на домашни и странски туристи преку создавање на подобри услови за развој на туризмот;

– високи и стабилни субвенции за земјоделците и модернизација на земјоделскиот сектор;

– крупни инвестиции во патната, енергетската и комуналната инфраструктура;

– реализација на голем број проекти за младите во сите сегменти на нивното живеење;

– натамошна заштита на животниот стандард на пензионерите преку нови зголемувања на пензиите;

– подобрување на стандардот на вработените преку пораст на платите во јавниот сектор и минималната плата во приватниот сектор согласно со растот на продуктивноста;

– подигање на квалитетот на здравствените услуги преку значајни инвестиции во здравствената инфраструктура и опрема, како и обука на здравствениот персонал;

– натамошни инвестиции во образованието како и поттикнување на иновациите, научноистражувачката работа и примената на новите технологии;

– заштита на животната средина и така натаму и така натаму…

Ги охрабрувам сите да ја прочитаат програмата за Обнова на Македонија, а потоа по 15-ти јули заедно да си ја обновиме земјата.

Очекувам убедлива победа на Обновата на Македонија и во втората изборна единица и насекаде низ Македонија

Колку пратенички места очекувате да освоите во Втората изборна единица, а колку во Парлементот?

МИСАЈЛОВСКИ: Очекувам убедлива победа на Обновата на Македонија и во втората изборна единица и насекаде низ Македонија со што ќе обезбедиме стабилно мнозинство во парламентот, а потоа сериозна работа за обнова на Македонија на секое поле.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ ги добие изборите дали ќе бидете дел од новата Влада? На кое министерско место се гледате?

МИСАЈЛОВСКИ: Во овој момент најбитно е да добиеме доверба од граѓаните за да ја обновиме Македонија. Земете погледнете ја нашата програма, има преку 1000 проекти, со кои ќе го обновиме достоинството, ќе ја обновиме економијата, ќе ја вратиме правдата, ќе го обновиме земјоделството, ќе ја обновиме Македонија. Она што е битно е дека сиве овие проекти ќе се реализираат во дадените рокови и тоа е она што ја гарантира обновата на Македонија. Небитно е кој ќе ги спроведе овие проекти, битно е дека истите ќе бидат спроведени, и со тоа на земјата да ѝ го вратиме и да ѝ го обновиме достоинството. Ние имаме кандидат за премиер, тоа е господинот Христијан Мицковски и тој ќе го формира тимот со кој ќе ја реализира програмата за Обнова на Македонија, ама како што кажав, за обновата на Македонија не е битно кој ќе ги спроведува проектите туку истите да бидат спроведени!

Целото интервју на Мисајловски може да го прочитате тука

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.