Според холандскиот амбасадор во земјава, Ваутер Пломп, неопходно е да се постигне компромисно решение за СЈО меѓу власта и опозицијата, објави Канал5.

Оттаму пак најава за нова средба нема, но продолжуваат препукувањата кој е виновен за блокадата на дијалогот.

Холандија била и останува загрижена за владеењето на правото во земјава, а под тоа го подразбирам и Законот за СЈО“, вели холандскиот амбасадор во земјава Ваутер Пломп. Тој вели дека неговата земја ги поддржува спроведените реформи и Спогодбата со Грција, но дека за добивање датум е неопходно да продолжи борбата против високата корупција.

 

Специјалното обвинителство изигра значајна улога во поднесување обвиненија за висока корупција и за нас е значајно да се гони високата корупцијата од минатото, сегашноста, но и иднината. Затоа е важно да се пронајде ефикасен начин за СЈО да се инкорпорира во Основното јавно обвинителство, задржувајќи дел од независноста. За овој закон е потребно двотретинско мнозинство. Сите политички сили кои сакаат Северна Македонија да започне преговори со ЕУ треба да најдат конструктивно решение, кое ќе одговара на партиите од власта, но и на оние кои не се во власта – изјави Ваутер Пломп – амбасадор на Холандија.

И додека се се почести изјавите дека токму иднината на СЈО би можела да биде главната причина за евентуалното недобивање датум за преговори за членство во Европската Унија, од власта и опозицијата нема најава за нова средба по ова прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.