НАТО очекува до 15 февруари македонскиот и грчкиот парламент да ги завршат процедурите околу Договорот за името од Преспа.

Ова според грчки Катимерини е наведено во писмо од Столтенберг порачувајќи дека Алијансата сака најбрз можен процес.

„Постои писмо од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кое се повикува на завршување на сите процедури во двете престолнини до 15-ти февруари 2019 година“. – стои во текстот на „Катемирини“.

Последната фаза на ратификацијата на Преспанскиот договор на домашен терен почнува следната среда за кога е закажана собраниската седница со четири точки на дневен ред – утврдување на прелог уставните амандмани, нивно донесување, прогласување на амандманите и усвојување на прелог уставен закон за нивно спроведување.

Според досегашните најави опозициската ВМРО ДПМНЕ нема да учествува во последната фаза од уставните измени. Па оттаму очекувањата на дел од аналитичарите се дека без опструкции и одолговлекувања ќе бидат усвоени уставните измени за кои двотретинското мнозинство веќе е обезбедено.

Се забрзува процедурата и во Атина. Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос во интервју за Њуз247 го потврди ставот дека во парламентот постои мнозинство за ратификација на Договорот.

Целта на Владата, но и парламентарните корелации онака како што се формирани во овој момент покажуваат дека Договорот од Преспа ќе се ратификува со над 151 глас, како што е и потребно.

Со оглед дека на СИРИЗА и недостигаат шест гласа за потребното мнозинство Џанакопулос открива дека се надеваат на гласовите од партијата РЕКА на Теодоракис.

Веднаш откако договорот ќе биде ратификуван ќе биде изгласан Протоколот за членство на Македонија во НАТО со што ги демантираше шпекулациите дека тоа би се случило по изборите во Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.